Најава на претседателката на Судот за воени злосторства на Косово
Во редок медиумски настап, шефицата на Специјализираните совети на Косово во Хаг, Екатерина Трендафилова, го одреди крајот на оваа година или почетокот на 2023 година како можен датум за почеток на судењето за злосторствата на поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово, УЧК
Подготвил: Марјан Велевски
Специјализирани совети на Косово (ССК) е официјалното име на специјалниот суд со седиште во Хаг, во кој за воени злосторства им се суди на поранешни команданти и борци на парамилитантните структури на УЧК и нејзините деривати. Формалната работа започна во јануари минатата година.
Моја прогноза е, гледајќи го досието на овој случај, дека судењето ќе започне до крајот на оваа година или во првите денови на 2023 година – рече Екатерина Трендафилова, правничка и научна работничка од Бугарија, судијка во Меѓународниот кривичен суд од 2009 до 2015 година.
Настанот најпрво беше планирано да се одржи во Косово, во источниот град Гнилане, но таа идеја стана неодржлива откако вонпарламентарната Социјалдемократска партија на Косово, поддржана од здруженијата на воени ветерани, најави масовни протести.
Косовците имаат право да протестираат, но морам да нагласам дека не разговарам за политика затоа што не сум политичар – рече Трендафилова, коментирајќи ја заканата од протестот.
Обвиненија за незаконски притвори, тортура, убиства…
Приведени од ноември 2000 година, поранешниот косовски претседател Тачи и неговите тројца сообвинети, вклучувајќи ги и поранешните претседатели на парламентот Весели и Красниќи, како и пратеникот Селими, се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучувајќи и незаконски притвори, тортура, убиства, присилни исчезнувања и прогонство во времето кога командувале со парамилитантните структури.
Во обвинението се наведува дека тие биле дел од „заеднички злосторнички потфат“ што имал цел да ја преземе контролата над одредена територија „со средства што вклучуваат незаконско заплашување, малтретирање, извршување насилство и отстранување на оние што се сметаат за противници“. Повеќето од злосторствата во обвинението, наводно, биле извршени во притворските центри на УЧК во Косово и Албанија.
Споменатите Специјалистички совети на Косово (ССК) формално се дел од судскиот систем на Косово, но се сместени во Холандија и екипирани со меѓународни експерти. ССК се формирани по иницијатива на западните земји, кои се согласни дека „косовскиот правосуден систем не е доволно робустен да ги суди случаите на УЧК и да ги заштити сведоците од влијание“.
Но т.н. Специјален суд предизвика огорченост кај косовските Албанци, кои го гледаат како навреда.
Покана да се јават пред обвинителството, во различни својства (осомничени или сведоци) за злосторства против цивилното население, според досегашните информации, имаат добиено над 300 поранешни водачи или други припадници на УЧК.
И албански лидери на УЧК од Македонија беа повикани во Хаг
За потсетување, поранешниот лидер на УЧК, сега лидер на ДУИ, Али Ахмети, беше повикан пред Специјалното обвинителство за воени злосторства во Косово, како еден од основачите и поранешен член на главниот штаб на Ослободителната војска на Косово (УЧК) и активен учесник во воениот судир. Оваа покана беше од повеќе причини, а поради индикативната временска, просторна и содржинска блискот на делата за кои гласи обвинението, тоа инстантно ги разбуди во Македонија духовите од конфликтот во 2001 година и злосторствата врз цивилното население во тој период извршени од УЧК (ОВК, ОНА). Овие случаи за воени злосторства во Македонија сѐ уште стојат во судските фиоки и никој досега не ги отвори ниту процесира понатаму, додека истовремено на Косово во процедура се отвораат судски процеси во врска со извршени воени злосторства.
А дали е доцнење на правдата или алоцирање на гонењето што четирите случаи што Меѓународниот суд на правдата во Хаг ги врати во Македонија, за да бидат процесирани во домашното правосудство, а тука не се ни оформени судски предмети, ниту пак е почната каква било постапка против сторителите, меѓу кои се посочува и водството на ОНА. Иако воените злосторства не застаруваат за судско истражување и докажување, за што овој пат како активен пример може да се земе актуелната работа на Специјалното обвинителство за воени злосторства во Косово, кое е дел од косовскиот правосуден систем, но со седиште во Хаг, Холандија.
Дали се стега обрачот околу поранешните команданти на УЧК и од Македонија
Правните експерти сметаат дека судењата на Косово може да предизвикаат верижна реакција и за процесирање и истражување и на воените злосторства извршени во Македонија за кои има и судски предмети и докази.
Во однос на можноста да се активираат некакви правни процеси за случаи што имплицираат на воени злосторства во Македонија, како одредени реакции на изјавите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред Обвинителството за воени злосторства во Косово, уште на почетокот на процесот беше побаран став од македонското министерство за правда. За „Нова Македонија“ тие одговорија дека „станува збор за процес што се води од страна на странски институции“.
Прашањата на правдата, владеењето на правото и правната држава, сепак, се клучните што треба да ги спроведе Македонија во текот на процесот на преговарање со ЕУ. Расчистувањето во поглед на какви било индикации за воени злосторства, односно докажување дали ги имало или не, а според тоа и добивање судска разврска, е меѓу основните постулати на правото и правдата.
Како членка на НАТО и земја што треба да почне преговори со ЕУ, за Македонија треба да бидат приоритет разврската и целосното расветлување на каква било одговорност за воени злосторства и злосторства против човештвото, категорични се правните експерти и аналитичарите.
Правдата апсолутно треба да биде над акумулираната политичка моќ
– Иако е правно контроверзно, но во Македонија прашањата за четирите „Хашки случаи“ за злосторствата од 2001 година се сметаат за затворени. Се толкува дека Законот за амнестија ги опфаќа и ги „покрива“ и обвинувањата за тие случаи што беа вратени од Трибуналот во Хаг за да бидат процесирани во домашното судство. Кога беше донесен Законот за амнестија, а подоцна и неговото „автентично толкување“ токму за овие случаи, Хелсиншкиот комитет реагираше во насока дека тоа не е никаква правна основа за да бидат ставени ад акта дела што не застаруваат. Под политички притисок за таквиот став, тогашниот претседател на Хелсиншкиот комитет дури и даде оставка. Оттогаш нема некои нови конкретни иницијативи за правно активирање на овие случаи од 2001 година. Теоретски, нив може да ги отвори државниот обвинител ако утврди дека овие случаи не потпаѓаат под Законот за амнестија. Тоа е теоретскоправниот начин, но не верувам дека во скоро време албанските политички партии, особено ДУИ, ќе дозволат да биде избран обвинител со такво гледање на предметите – изјави уште во зачетокот на процедурата во Хаг поврзана со УЧК, универзитетскиот професор по кривично право Гордан Калајџиев.
Адвокатот Тони Менкиноски е категоричен дека овие предмети за воени злосторства во 2001 година еден ден мора да се обноват, но и за секој геноцид врз Македонците некој ќе одговара.
– Воените злосторства, како и геноцидот, според стандардите на меѓународното право, никогаш не застаруваат и не можат да бидат заборавени и простени со никаков закон за амнестија. Секако, Обвинителството треба да го активира судското преиспитување на т.н. „Хашки случаи“ од 2001 година, врз основа на меѓународните стандарди за незастарување на воените злосторства и геноцидот. Зошто тоа не е сторено во изминативе дваесетина години, одговорот може да се најде во политичкото влијание врз судството, како и во надворешнополитичките влијанија од меѓународната заедница. Но еден ден овие предмети мора да се обноват, а за секој геноцид вршен врз Македонците во изминатите години и децении – некој ќе одговара – вели адвокатот Менкиноски.