Фото: „Нова Македонија“ / Илустрација

По неуспешниот попис во 2011 година, кога се открија многу пропусти, во Косово почна вториот попис, операција што освен статистичко пребројување има цел да ја зацврсти државноста и да добие алиби за членство во меѓународни организации

Попис во Косово

Во Косово во петокот започна вториот попис откако во 2008 година прогласи независност. Првиот попис спроведен во 2011 година, паралелно со уште неколку земји од регионот (Македонија, Србија, Албанија), не ги исполни стандардите на Советот на Европа. Истото тоа се случи и во Албанија и во Македонија, па таа статистичка операција требаше да се повтори.
За Косово пописот сега е особено важен затоа што настојува да си обезбеди нова лична карта со која би си го олеснило влезот во меѓународни организации како Советот на Европа, а крајна цел е станување полноправна членка на Обединетите нации. Но почетокот на оваа статистичка операција доби и значителни политички бои, па се очекуваат сериозни проблеми во деловите во кои живее српско население, откако политичките партии на косовските Срби повикаа на бојкот.
– Би сакале јасно да им кажеме на (премиерот) Албин Курти и на оние што го поддржуваат дека српскиот народ нема да учествува на претстојниот лажен попис во неговата организација што сака да го потврди неговиот срамен успех во протерувањето на Србите – објави во петокот Српска листа, партијата на косовските Срби, поддржана од Белград, тврдејќи дека „режимот“ на Курти има „цел етничко чистење на сè што е српско од овие области“.
Тие додаваат дека Курти сака да го искористи овој попис за дополнително да ја нападне Србија со некои барања за воена компензација, што дополнително го обесхрабрува секој Србин да биде дел од овој процес.
Помалата српска партија, Партија на косовските Срби, објави во четвртокот: „Не ни останува друг избор освен да ги повикаме нашите сограѓани Срби: Бојкотирајте го претстојниот попис, не давајте никакви податоци на пописните тимови. ,… Ова не е попис на населението, ова е желбата на Албин Курти да го провери успехот на неговата репресивна политика кон Србите и во бројките да види колку Срби успеал да протера од 2021 година до денес“.

ПРЕБРОЈУВАЊЕ И ВОЕНИ РЕПАРАЦИИ

Во петокот премиерот Курти на состанокот на градоначалниците рече дека пописот ќе им помогне да ги водат нивните политики како влада и тие како општина.
– Повикувам на посветеност и посветеност на заедницата, затоа што е неопходно да се одговори на потребите на граѓаните без разлика. Во првиот попис на населението за првпат е воспоставен прашалник за штетите од војната – рече Курти.
Освен регистрацијата на резидентното население, пребројувањето ќе вклучува и посебна регистрација на косовската дијаспора, како и на имотот што бил оштетен за време на конфликтот со српските сили. Ова е првпат Косово да се обиде да ја регистрира својата голема дијаспора, која се проценува дека има приближно половина милион луѓе.
Авни Кастрати, директор на Агенцијата за статистика на Косово, изјави за БИРН дека врз основа на Законот за попис на населението и становите, агенцијата „ќе го упати секој граѓанин што не учествува за регистрација на суд, а казните се движат од 200 до 2.000 евра, во зависност од причината за неучеството“.

ЌЕ ИМА ЛИ МАКЕДОНЦИ ВО ГОРА?

Косово последен пат собра податоци за населението во 2011 година, кога теренската работа ја работеа општините, а не Агенцијата за статистика. Општините со мнозинско српско население Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ на север го бојкотираа пописот, како и општините Грачаница и Штрпце на југ неколку дена подоцна.
Немаше извештаи за изречени казни против косовските Срби што бојкотираа во тоа време, и покрај законот од 2010 година, кој исто така предвидуваше казни за одбивање.
Околу 2.700 собирачи на попис се вклучени во процесот, заедно со околу 700 надзорници и околу 300 општински вработени. Пописот ќе трае до 17 мај.
Властите во Приштина ги поканија сите жители на Косово, вклучувајќи ги и Србите, да се пријават, но неизвесно е каков ќе биде одговорот во српската заедница, бидејќи нивната недоверба кон властите во Приштина е голема, а особено на цел е косовскиот премиер Албин Курти.
Според последниот попис од 2011 година, на Косово има 1,8 милион жители, од кои 25.000 се Срби. Сепак, според процените на граѓанскиот сектор, на Косово живеат околу 100.000 припадници на српската заедница, објави Радио Слободна Европа (РСЕ).
Една од дилемите е дали Гораните на Косово јасно ќе се изјаснат како Македонци. Тие главно се изјаснуваат како Горани, иако мнозинството зборува на македонски јазик. Тоа население е концентрирано на падините на Шар Планина во областа Гора, во делот на Рестелица-Стрезимир, а во последните десетина години е предмет на бугарската асимилаторска политика. Х.И.


Претседателот на Србија во Париз купува воена техника, но се договара и за одговор кон Приштина

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, е во дводневна официјална посета на Париз, каде што разговара со претседателот на Франција, Емануел Макрон. Дневниот ред на разговорите е обемен, а за Белград и особено важен. Две точки се сметаат за клучни. Првата е да се блокира прием на Косово во Советот на Европа (СЕ). Според Вучиќ, во моментов две членки на СЕ го блокирале тој процес.
Втората точка е набавка на 12 борбени ловци „рафаело“, со што Белград јасно става на знаење дека ја зацврстува воената соработка со Франција, долго сметана од Србија за нивен сојузник на меѓународен план.