Повеќе од една деценија, Белград и Приштина водат разговори за нормализација со посредство на ЕУ, со цел да ѝ се приклучат на ЕУ. Сега, актуелното решение со посредство на ЕУ е фокусирано на избегнување конфликти наместо на постигнување траен мир. Повеќе аналитичари тврдат дека ова не е трајно решение и дека повторно договорот, кој е форматиран од ЕУ, е двосмислен и излегува од рамките на принципиелен и симетричен меѓународен договор
Дали и содржината и формата на договорот меѓу Косово и Србија се формалноправно надвор од стандардите?
Договорот меѓу Србија и Косово што го модерираат западните земји за да ги решат тензиите меѓу гореспоменатите земји не го решава прашањето за „заемно признавање“. Имено, во предлог-договорот за Србија и за Косово, во чија подготовка учествуваа Франција, Германија и САД, Србија нема експлицитно да ја признае независноста на Косово. Но, од друга страна, Србија ќе мора да земе обврска да престане да лобира против членството на Косово во меѓународните тела, како што се ОН.
Договорот не нуди суштински напредок, а исто така е мошне нејасен и двосмислен
Според планот во договорот, Србија и Косово ќе треба да отворат претставништва во Белград и во Приштина, српската заедница на Косово ќе добие самоуправа, а Белград нема да ја блокира Приштина во меѓународните односи.
Според ставот на аналитичарите што говореа за „Ал џезира“, во суштина „овој договор нема да постигне вистински напредок“! Зошто?
Гезим Висока, вонреден професор по студии за мир и конфликт на Градскиот универзитет во Даблин изјави за „Ал џезира“ дека договорот се чини дека е „дизајниран повеќе за избегнување конфликти отколку за градење траен мир меѓу Косово и Србија“. Одредбите наведени во предлогот „продолжуваат со нејаснотии“ во однос на меѓусебното признавање, изјави Висока.
– Договорот не се однесува на петте земји-членки на ЕУ, кои допрва треба да ја сменат својата позиција за Косово, и нема јасност на патот на Косово да се приклучи кон меѓународните тела, како што се ОН – вели тој.
Споменатиот медиум го цитира и Курт Басуенер, висок соработник во Советот за политика за демократизација, аналитички центар со седиште во Берлин. Тој исто така, анализирајќи го предлог-договорот за Србија и за Косово, подготвен од Франција, Германија и САД, изјавил дека договорот е „нејасно дизајниран“.
Во српскиот парламент, пак, неодамна имаше физичка пресметка меѓу пратениците на опозицијата и на владејачката партија за време на говорот на Вучиќ. Опозициските пратеници држеа натписи на кои пишуваше „предавство“ и „капитулација“ додека го толкуваа договорот како де факто признавање на независноста на Косово.
(Не)согласувањата околу прашањето за формирање заедница на српски
општини (ЗСО) во северно Косово
Најпрвин, меѓународните претставници ја истакнаа потребата во Косово да се формира заедница на општини со мнозинско српско население (ЗСО) во северно Косово. Исто така, формирањето ЗСО беше пропишано во договорот со посредство на ЕУ од 2013 година за нормализирање на односите меѓу Србија и Косово, но Уставниот суд на Косово пресуди против тоа, изјавувајќи дека не вклучува други етнички групи и приговарајќи на извршните овластувања на ЗСО.
Патем споменато, има 100.000 Срби во Косово, кои се тамошното најголемо етничко малцинство. Околу половина од таа бројка живеат во северно Косово, во близината на српската граница, каде што го сочинуваат мнозинството од населението. Тие не ја признаваат Владата во Приштина таму и имаат свои административни и здравствени системи.
Во овој контекст, интересно за издвојување е мислењето на косовскиот премиер Албин Курти. Тој изрази стравување дека ЗСО само ќе создаде друга мини-држава или друга Република Српска, ентитет управуван од Срби во Босна и Херцеговина, формиран како дел од Дејтонскиот мировен договор.
Минатата недела, пак, Дерек Шоле, американски советник во Стејт департментот, и Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на САД, дадоа уверување дека ЗСО нема да биде моноетничка и напишаа во заеднички текст за една косовска веб-страница дека тие „силно се спротивставуваат на секоја форма на ентитет што наликува на Република Српска“. ЗСО нема да додаде нов слој на извршната и на законодавната власт во Косово, напишаа тие.
Западните влади имаат историја на неисполнети ветувања
Што се однесува до ставот на Гезим Висока, вонреден професор по студии за мир и конфликт на Градскиот универзитет во Даблин, кој говореше за „Ал џезира“, тој смета дека „не е веројатно“ дека ЗСО ќе го реши конфликтот.
– Тоа ризикува да ги постави темелите за повеќе неволји што ги фрагментираат наместо да ги обединуваат етничките заедници во Косово. Има смисла да се истражуваат креативни и уставно дозволени механизми за приспособување на малцинските права само кога ќе има заемно признавање и меѓудржавна нормализација меѓу Косово и Србија. Во минатото се обидовме да создадеме механизми за заштита на малцинствата без заемно признавање и тие не беа ефективни колку што се посакуваше токму затоа што немаат јасност за прашањето за признавањето на Косово – тврди професорот.
Западните влади имаат историја на неисполнети ветувања, додаде тој, а дипломатските гаранции и гаранции нема да бидат доволни за да се убеди Владата.
Подготвил: Mарјан Велевски