Фото: ЕПА

Балкански кирилско-латиничен судир

УНЕСКО предвидува дека до крајот на векот ќе исчезнат 3.000 јазици. Поаѓајќи од тоа, во соседна Србија се разви длабока полемика околу иднината на српскиот јазик, писмото и неговите перспективи.

Србите жестоко се борат за својата кирилица, бидејќи таа е основата на српскиот национален и културен идентитет

Според белградска „Политика“ државата треба да вложи напори српскиот јазик да не биде еден од јазиците што ќе исчезнат. Притоа се укажува дека кирилицата е историско писмо на кое се напишани најважните книги на Србите, кое не треба да се занемари во времето на латиницата, доминацијата на англискиот јазик и компјутерите, бидејќи српскиот јазик и кирилицата се основата на српскиот национален и културен идентитет. Не постои човек што нема да се согласи со оваа реченица, која толкупати се повторува на стручни состаноци, во медиумите, во секојдневниот разговор… А сепак, само 10 проценти од Србите денес користат кирилица. Доминираат латинични имиња на улиците, како и на ТВ-екраните и во книгите, а српскиот јазик се изучува само во основните училишта и на занемарлив број факултети, додека во средните училишта наставата по тој предмет главно се сведува на литература… „Фактот дека речиси веќе нема лектори во медиумите придонесува за тоа нашата јазична норма честопати да не е актуелна“, вели Градимир Аничиќ, додавајќи дека јазичните прирачници што се во употреба се главно застарени.

Природно е секој народ да го брани и негува имотот што го оставиле неговите предци

„Политика“ направи анкета меѓу угледни лингвисти зошто состојбата е таква што мора да се спасува кирилицата и што треба да се направи за да се промени тоа. „Сега Србите ја штитат основната српска азбука од себе, често обвинувани дека го зајакнуваат својот национализам повеќе од дозволеното. Како да не е природно секој народ да го држи, брани и негува имотот што го оставиле неговите предци. Потписот на владиката Његош е на кирилица со еднообразни и доследни букви. Кирилскиот потпис на Никола Тесла среде Њујорк беше испружен, хармоничен во распоредот на буквите, едноставен и убав. Михајло Пупин испраќал писма отчукувани на кирилица од Америка до Идвор и Белград, во потписот имал седум уметнички кирилски букви. Потписот на Милутин Миланковиќ беше читлив и различен според околностите, необичен кога навестува како неговата научна мисла поминала низ универзумот и вековите“.
Овие зборови ги кажа академик Миро Вуксановиќ на еден од традиционалните прегледи на кирилското наследство во Бајина Башта, град што е пример како да се негува и да се поттикнува употребата на кирилицата. Тие ѝ оддадоа почит на српската азбука во овој град со отворање на првиот кирилски парк во Србија, уреден простор во центарот на градот со буквата „ќ“, клупи што личат на книги, кирилица погодна за седење, детско игралиште со азбуката…
Но, меѓу ваквите примери и реалниот живот постои јаз: претседателот на Комитетот за стандардизација на српскиот јазик, Срето Танасиќ, неодамна изјави дека употребата на кирилицата во Србија е намалена на 10 проценти, а Законот за употребата на српскиот јазик во јавниот живот и заштитата на кирилицата не го спречија зголемувањето на употребата на латиничните букви. Според него, она што е на работа е „продолжување на уривањето на статусот на српскиот јазик и кирилицата, кое трае со децении, и одложувањето на планираното спроведување на јазичната политика, што е суштински елемент на севкупната политика во организираните држави“.