СО РЕЗОЛУЦИЈА НА ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ
Европскиот парламент (ЕП) усвои резолуција во Стразбур, во која се наведува дека напредокот на Србија кон ЕУ директно ќе зависи од зајакнувањето на владеењето на правото, нормализирањето на односите со Косово и усогласувањето со европската надворешна и безбедносна политика, што вклучува воведување санкции против Русија.
Резолуцијата беше усвоена на пленарната седница на ЕП со 523 гласа „за“, 78 „против“ и 34 воздржани. Со резолуцијата, Европскиот парламент првпат ги повикува Србија и Косово да постигнат договор за нормализација на односите врз основа на заемно признавање.
Постои итност во случајот со Србија да направи промени „дома“ во врска со ставот кон Русија. Тоа е земја што секогаш гледала во различни правци, кога станува збор за надворешната политика. Мислам дека сега е време Србија да одлучи каде стои и се надевам дека ќе донесат јасна одлука кон Европа – рече европарламентарецот Владимир Билчик.
Претседателот Александар Вучиќ вчера изјави дека нема ни да го разгледа барањето на Европскиот парламент за Косово и Метохија. На новинарско прашање како ќе одговори на наводите во резолуцијата на ЕП за Србија за „заемно признавање на Србија и Косово“, тој рече дека Србија ќе одговори „убаво, пристојно и учтиво: Нема да го сториме тоа“.
Тоа не ни паѓа на ум. Нема да го разгледаме, не можам да смислам поучтиви одговори – додаде тој.
На прашањето дали ќе се согласи да оди на дијалог со Албин Курти, Вучиќ рече дека би сакал, но дека никој не му се јавил и дека не гледа смисла во тоа.