вежи краставици од Србија наменети за словенечкиот пазар се запрени на граница затоа што кај нив бил пронајден фунгицид металаксил, соопшти Европскиот систем за брзо предупредување во трговијата со храна (РАСФФ), јави дописникот на МИА од Белград.
РАСФФ наведува дека по извршената контрола на границата било наредено да се уништат краставиците.
Металаксил не е означен како опасен на веб-страницата на РАСФФ, но во краставиците е пронајдена поголема количина од дозволената.
Дозволената количина на овој фунгицид е 0,01 милиграм на килограм, а контингентот стока содржел 0,025.
Металаксил е фунгицид од хемиската група на ацилаланин, кој делува превентивно и се користи за заштита од растителни болести.
На почетокот на септември на граничниот премин меѓу Црна Гора и Србија – Добраково, инспекција спречи увоз на речиси 10 тони праски и нектарини, при што е пронајден пестицид опасен по здравјето на луѓето, особено на децата – хлорпирифос.
Истиот пестицид е пронајден и во сливи увезени од Србија во Хрватска, кои потоа биле уништени.
Во август Фитосанитарната инспекција на Управата за заштита на растенијата на Србија, по детална анализа, утврди присуство на пестицидот хлорпирифос и во праските што требаше да се извезат во Хрватска, а беа вратени од граница.