Фото: Игор Бансколиев

БУГАРИЈА

„Мандатот на претседателот Румен Радев ќе му го вратиме неисполнет“, изјави вчера вицепремиерот и министер во оставка Асен Василев, кандидат на Продолжуваме со промената за премиер на Бугарија. Василев посочи дека успеале да стигнат до 117 пратеници што се подготвени да ја поддржат нивната партиска програма и политика. За да имаат парламентарно мнозинство, им недостигаа четири пратеници.
Партијата го доби мандатот пред една недела, а вчера беше краен рок за формирање влада.
Со тоа Бугарија уште подлабоко запаѓа во политичка криза откако претходно парламентот му изгласа недоверба на кабинетот на Кирил Петков, сопартиецот на Василев. Вицепремиерот во оставка посочи дека на сите бугарски граѓани им е јасно зошто е урнат кабинетот „Петков“. Според него, постоела желба наместо да се зголемат пензиите и социјалните трошоци, „парите да одат кај истите осум фирми што ги добиваа и во последните години“.
Враќањето на мандатот за формирање влада што претходно го доби од претседателот на Бугарија, Румен Радев, го потврди и бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков за време на неговата посета на Грција.
Денеска видовме дека нема да има 121 човек што не се плашат – рече Петков откако стана извесно дека не можат да обезбедат парламентарно мнозинство.
За потсетување, неговиот кабинет поднесе оставка откако парламентот успешно ѝ изгласа недоверба на владејачката коалиција претходно во јуни. Тоа следуваше откако лидерот на Има таков народ, Слави Трифонов, ја повлече својата партија од владејачката коалиција под изговор дека Петков води двојна надворешна политика на тема евроинтеграции на Скопје.