Владата на бугарскиот премиер Петков остро ја осуди агресијата, но Бугарија, традиционално поврзана со Русија, дефинитивно покажува знаци дека е поделена, и од политичка и од симболична гледна точка
Како Москва и индиректно сѐ уште предизвикува турбулентни состојби во Бугарија
„Во моментов немаме реални алтернативи, ние сме во ситуација на силна зависност“! Со оваа изјава за „Ројтерс“, бугарскиот премиер Кирил Петков во понеделникот објасни зошто е голема веројатноста Бугарија да побара да го замрзне своето учество во санкциите против Русија, барем што се однесува на енергетскиот сектор.
Петков: Санкциите кон Русија за гасот и нафтата се тешко прифатливи за нас, и како економски систем и како земја!
Според анализите на Франческо Мартино за ОБЦ трансеуропа, Бугарија во последниве години, и покрај обидите за диверзификација на снабдувањето со енергенти, речиси целосно е зависна од рускиот гас. Повеќе од половина од горивото што се користи во земјата доаѓа од нејзината единствена рафинерија – лоцирана во Бургас на брегот на Црно Море – во сопственост на руската компанија „Лукоил“. Според анализата, енергетското прашање е една од главните причини за загриженост на Бугарија соочена со ситуацијата во Украина, но тоа секако не е единствениот сомнеж.
– Ние целосно го поддржуваме украинскиот народ – изјави бугарскиот премиер Петков – и со уверување се придржувавме до првиот бран санкции […], но оние за гасот и нафтата се тешко прифатливи за нас, и како економски систем и како земја!
И кај политичарите и кај јавното мислење, многумина ја симпатизираат Москва. Иако позицијата на официјална Софија брзо се усогласи со оние на Европската унија и на НАТО, поделбите започнаа веднаш штом Путин објави дека сака да ја започне својата „специјална операција“ против Украина.
Но токму употребата на формулата „специјална операција“ наместо „војна“ го предизвика првиот шок минатата недела кај Владата во Софија.
Имено, Стефан Јанев, сега веќе поранешниот министер за одбрана, инсистираше на користење на дефиницијата дадена од Путин. Но тоа предизвика бран контроверзии. Во објавата на Фејсбук, Јанев потоа тврдеше дека Бугарија „не мора нужно да заземе проруска, проамериканска или проевропска позиција“, туку наместо тоа треба да се фокусира „да ги брани своите национални интереси“. А по неколкудневни политички превирања, Петков побара и издејствува оставка од Јанев.
– Ниту еден министер нема право да спроведува своја лична надворешна политика на Фејсбук – коментираше премиерот, повторувајќи дека за настаните во Украина не може да има друга дефиниција, освен „војна“. По неговото излегување од Владата, Јанев, кој во последните месеци веќе се изјасни против изгледите за распоредување нови трупи на НАТО во Бугарија, ја објави својата намера да му даде живот на нов политички проект, веројатно со повеќе национален предзнак.
Понатаму, на истата тема, тензии се појавија и во владејачкото мнозинство, вклучувајќи ја и Социјалистичката партија, која секогаш ги истакнува своите силни врски со Москва. Имено, иако социјалистите официјално ги осудија „воената ескалација и руската офанзива во Украина“, од друга страна тие беа децидни дека се против воведувањето санкции кон Русија како „неефикасни“ и скапи за граѓаните и бугарската економија!
Историските врски меѓу Бугарија и Русија сѐ уште силни
По официјалната реакција на Софија за операцијата во Украина, руската влада исто така ја вклучи Бугарија во својата долга листа на држави „непријатели“. Тензиите дополнително се зголемија по апсењето во Софија на 2 март на бугарскиот генерал Валентин Цанков, обвинет за шпионирање во име на Русија против Бугарија и НАТО. Двајца руски дипломати, кои наводно соработувале со Цанков, биле протерани: руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова, фрли дополнително масло на огнот игнорирајќи ја поканата да се јави во Министерството за надворешни работи за да ја прими дипломатската нота што го придружуваше протерувањето.
Митрофанова потоа предизвика дополнителни контроверзии откако ја спореди – по повод бугарскиот национален празник 3 Март – инвазијата на Украина со руската интервенција против Отоманската Империја во 1877-78 година, војна што ги постави основите за независноста на современата бугарски држава.
Самата годишнина од 3 Март – Денот на потпишувањето на Санстефанскиот договор, со кој се стави крај на руско-турскиот конфликт, а кој оваа година како датум се совпадна со само неколку дена по почетокот на влезот на руската армија во Украина, повторно ја разгоре дебатата за значењето на прославата и за историските врски меѓу Бугарија и Русија.
За време на традиционалната комеморација на превојот Шипка, каде што се водеше една од одлучувачките битки во војната во 1877 година, премиерот Кирил Петков беше исвиркуван и гаѓан со снежни топки од активисти на проруската партија Преродба, кои вееја руски и бугарски знамиња. Во меѓувреме, некои ликови од политиката и од граѓанското општество повикаа да се избере друг датум за национален празник, со оглед на силната врска на 3 март со Русија, на која повеќе се гледа како на „маќеа“ отколку како на „мајка ослободителка“.
Судирот околу симболите стигна и до еден од најразделувачките споменици во главниот град Софија, оној на Црвената армија, кој стои во центарот на градот, во паркот пред ректоратот на Универзитетот „Свети Климент Охридски“. На 27 февруари, за време на демонстрациите против руската операција во Украина, на основата на споменикот се појавија графити во боите на украинското знаме и слогани како „Убијци“, „Почитувај ја Украина“ и „Долу Путин“.
Веднаш по почетокот на војната, софиската општина Средец, онаа каде што се наоѓа споменикот, објави дека има намера да го отстрани и да го премести на друго место, според резолуција – која никогаш не беше спроведена – од 1993 година. Оваа одлука, сепак, може да се покаже тешка за спроведување, бидејќи за билатерален договор се потребни консултации меѓу Софија и Москва пред споменикот да биде поместен.
И Бугарија, како и други ЕУ-членки, се надева дека украинските бегалци ќе ја пополнат празнината на пазарот на трудот
Додека политиката се расправа околу бројките, Бугарија се соочува со можеби веќе најголемиот бегалски бран во нејзината модерна историја. Според сѐ уште нецелосни податоци, 30.000 украински бегалци, главно жени и деца, веќе пристигнале во Бугарија од почетокот на руската инвазија, главно сместени во хотели на брегот на Црно Море.
Овие бројки се многу пониски од оние во земји како што се Полска, Унгарија и Словачка, но доволни за да се оптоварат капацитетите на Бугарија како домаќин. И тие би можеле да се зголемат доколку конфликтот повеќе го зафати регионот на Одеса, дом на значителното бугарско малцинство во Украина, кое се проценува на околу 140.000 луѓе.
Атмосферата е на силна солидарност, многу различна од онаа што го придружуваше пристигнувањето на сириските бегалци во 2015 година. А во Владата веќе има такви што се надеваат дека многу Украинци ќе решат да останат, па дури и ќе создадат нови можности за анемичниот бугарски производствен сектор: според премиерот Петков, многу работодавци почнале да контактираат со бегалците и би имало место за најмалку 200.000 работници, се вели меѓу другото во анализата на ОБЦ трансеуропа.