Бизнис-асоцијациите даваат силна поддршка за проектот за издавање единствен идентификациски број за работниците од Албанија, Македонија и од Србија, додека од синдикатот се внимателни во давањето оцени, пред да се донесат законските решенија што ќе го регулираат вработувањето работници од соседството
Најава за отворање регионален пазар на трудот
Граѓаните на Србија, Македонија и на Албанија наскоро ќе можат да се вработат во секоја од овие земји без дополнителни административни бариери. Издавањето на првите идентификациски картички, кои ќе овозможат слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан се очекува за време на самитот „Отворен Балкан“, кој ќе се одржи на 7 и 8 јуни во Охрид, најави Ненад Ѓурѓевиќ, советник во Стопанската комора на Србија.
Политичарите најголеми приврзаници, економистите воздржани
Колку и да звучи оптимистичка ваквата најава, сепак, економистите се воздржани околу тоа дали меѓусебното отворање на пазарот на трудот меѓу Албанија, Србија и Македонија ќе предизвика дополнителна миграција на работниците. Во прилог на ваквото размислување, според нив, оди тоа што сите три земји, како и сите земји од Западен Балкан, се соочуваат со зголемен одлив на работоспособно население, поради ниските плати во регионот. Како што е познато, квалификуваните работници од различни области својата егзистенција ја бараат во високоразвиените европски земји, кои нудат подобри работни услови за работниците од Балканот.
Сепак, политичките водства од Албанија, Србија и од Македонија, кои се и најголемите приврзаници за поголемо економско интегрирање, сметаат дека на овој начин целиот регион ќе биде поатрактивен и за странските инвеститори, кои ќе можат да ги бараат потребните кадри од трите земји. Економиите на Западен Балкан имаат заедно околу 18 милиони жители и бруто-домашен производ од 111 милијарди евра. Најважната цел на иницијативата „Отворен Балкан“ е да придонесе за подобар живот на граѓаните на регионот преку овозможување слободен проток на стоки, капитал, услуги и луѓе.
Бизнис-асоцијациите од Македонија даваат силна поддршка за проектот за создавање единствен регионален пазар на трудот.
– Согласни сме за реализација на оваа идеја, која, според нашите социјални и економски согледувања, требаше одамна да се случи и во нашиот регион. Отворањето на пазарот на трудот е дел од еден глобализациски процес, а и самото поблиско економско поврзување меѓу трите земји е дел од регионалното поврзување. Како асоцијација учествувавме во подготовките за примената на единствените идентификациски броеви за работниците, кои наедно се и социјални броеви, кои ќе овозможат полесна и побрза миграција на работниците меѓу трите земји од „Отворен Балкан“. Ние ја поканивме да се приклучи и Црна Гора, со што ќе има корист во сезонските вработувања на работници од регионот. Македонската економија ќе има бенефиции од отворање на регионалниот пазар на трудот. Користа ќе биде за сите сектори и дејности, особено во туризмот, градежништвото, земјоделството, но и во информатичката индустрија. Не сметаме дека нашата земја ќе излезе послаба во оваа конкуренција за работници, ако ги следиме просечните примања во трите земји. Сигурно е дека нашите работници ќе можат полесно да пристапат на пазарот на трудот и не треба да се плашиме ако некој сака да заработи повеќе. Но пред сѐ, сакам да апелирам до македонските пратеници да го изгласаат законот што се однесува за функционирањето на „Отворен Балкан“, зашто единствено нашиот парламент го нема донесено, а тоа го имаат веќе направено од страна на Србија и на Албанија – ни изјави Миле Бошков, од Бизнис-конфедерација на Македонија.
Сивата економија на удар
Синдикалните организации во земјата се повоздржани во однос на оцените за отворањето на пазарот на трудот меѓу трите земји од „Отворен Балкан“.
– Ние како синдикат одамна се залагавме за регулирање на правата на работниците што мигрираат меѓу соседните земји. Ова посебно го истакнавме за време на пандемијата, кога се најдоа во незавидна состојба работниците со нерегулиран статус и не можеа да ги остваруваат здравствените услуги и другите социјални права. Ги следиме најавите за отворање на пазарот на трудот од земјите од „Отворен Балкан“, но засега не можеме да коментираме што ќе значи тоа, односно дали ќе бидат загрозени сегашните права од работен однос. Очекуваме најавените промени да ја сузбијат сивата економија што се јавуваше во областа на вработувањето на работници од соседните земји, кои работат и под минималната плата во Македонија или што работат непријавени, но за повисоки дневници. Не можам да проценам колку воведувањето единствена „работничка“ карта ќе им одговара на домашните компании, кои ги користеа слабостите на системот и овозможуваа да се вработуваат странски работници од околните земји, без притоа да се платат здравствените и социјалните давачки од плата – вели Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.
Завршна глазура во Охрид
Според досегашните преговори меѓу трите земји, секој граѓанин што сака да се вработи во Македонија, Србија или во Албанија треба да се регистрира преку матични агенции и да поднесе барање. По ова, на лицето му се издава идентификациска картичка и со неа без проблем може да пристапи на отворениот пазар на трудот и да оствари регулиран работен однос во одредена земја.
На следниот самит што треба да се одржи во јуни во Охрид ќе се разгледува и предлогот носителот на оваа картичка да има одреден попуст на транспортот за посета на културни институции и настани. Целта на ова е да се овозможи подобра можност за вработување за граѓаните од трите земји, особено за младите лица, кои ќе можат да наоѓаат сезонски вработувања. М.Ј.