Албанија

Вооружените сили на САД ја активираа во Албанија својата оперативна група за специјални операции на Балканот, чија задача ќе биде учество во разни акции. Една од мисиите, според американските медиуми, ќе биде и спротивставување на јакнењето на руското влијание. Во албанското министерство за одбрана во Тирана, по тој повод беше организирана церемонија на која зборуваше американската амбасадорка во таа земја, Јуриј Ким. Таа рече дека има неколку причини за американското воено присуство на Балканот, пофалувајќи ги албанските власти што никогаш не се двоумеле да распоредат американски сили.
– Не можевме да бараме посилен и полојален пријател и сојузник. Нашите билатерални врски се поважни од кога било – истакна амбасадорката Ким на церемонијата во Тирана.
Албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши изјави дека Албанија ќе ја искористи оваа можност да ги зголеми стандардите на своите оперативни сили.
– Ќе можеме да се бориме заедно ако се појави потреба, како што направивме во Авганистан и пошироко – рече Пелеши.
Американските медиуми пред еден месец се обидоа да расветлат што се крие зад акцијата на Американците да воспостават база на нивните специјални оперативни сили (СОЦЕУР) во Албанија. Американскиот портал „Бизнис-инсајдер“ посвети долга статија на таа база во Албанија, чија мисија ја поврзува со Русија. Според тој медиум, Москва може да се обиде со дестабилизирачки сценарија во регионот, а американските специјалци ќе бидат ангажирани во различни мисии.

– Албанија не е блиску до Русија, така што ја немате таа физичка близина со противникот. Но Балканот е важен и Русија сè уште има големо влијание врз населението. На крајот на краиштата, Русите се Словени, како и повеќето жители на Балканот, со многу малку исклучоци, а Русија отсекогаш играла на таа карта за да манипулира и да ја контролира ситуацијата – изјавил неименуван извор, цитиран од „Бизнис-инсајдер“.
Во написот се споменува и приближувањето на Албанија со Турција. Според американскиот портал, формирањето на оваа база е поврзано со ова прашање.
– Турција е исто така фактор во регионот. Турција инвестираше многу во Албанија и во земјите-членки на НАТО и во земјите со мнозинско муслиманско население, но под претседателот Реџеп Таип Ердоган, Турција постојано се дистанцираше од Трансатлантската алијанса.
Одлуката на СОЦЕУР да формира нов штаб за специјални операции во Албанија може да биде тактички обид да се задржи дел од тој пристап или да се одврати Турција да ги повлече другите земји од НАТО, пишува меѓу другото во текстот на порталот.