Косово: Безбедносна тензија што ескалира во оружен конфликт, засега со ограничен потенцијал
Десетици граѓани демонстранти од српска националност, вклучувајќи и 41 член на мировните сили на НАТО на Косово (КФОР), беа повредени во понеделникот во судир од пошироки размери на северот на Косово. Српските демонстранти и силите на КФОР беа на две различни страни на спротивставените кордони, лоцирани пред трите градски собранија на северот на Косово.
Групата српски демонстранти се собраа да го изразат своето незадоволство од упадот на униформираните и вооружени косовски сили во српските административни згради на локалната самоуправа, но и поради разнишаната доверба во КФОР, кој и покрај дадените гаранции не ги заштити Србите и не го спречи незаконското и насилно преземање на општините.
Најжестоко во Звечан
Пред општинската зграда во Звечан беа фрлени повеќе од 30 шок-бомби, а т.н. косовска полиција отвори оган, при што две лица од српска националност беа ранети. КФОР употребил палки, шок-бомби и солзавец за да ја разбие и растера групата српски демонстранти. Во судирите во Звечан меѓу припадниците на КФОР и српскиот народ има десетици повредени Срби, меѓу кои и известувач на „Танјуг“, кој професионално известуваше од местото на настанот. Лицето Драгиша Гаљак е едно од потешко повредените Срби, кој има прострелна рана во пределот на карлицата и во дланката на левата рака. Гаљак бил повреден од боева муниција, а бил застрелан од припадник на т.н. косовска полициска служба. Тој е на Одделението за интензивна нега во КБЦ – Косовска Митровица и е под лекарски надзор 24 часа. Исто така, лицата Драгиша Миловиќ и Часлав Софрониевиќ, кои беа повредени во оружениот инцидент, беа однесени во Клиничкиот болнички центар. Хеликоптер на КФОР сѐ уште повремено го надлетува Звечан. Во меѓувреме полскиот КФОР, кој беше вториот кордон пред зградата на општината, беше заменет со италијанскиот.
КФОР го осуди насилството, претседателите на Србија и на Косово се обвинуваат меѓусебно
КФОР, мировната мисија на НАТО во Косово, го осуди насилството.
– Соочени со најактивните демонстранти, неколку војници на италијанскиот и унгарскиот контингент на КФОР беа предмет на неиспровоцирани напади и добија трауматски рани со скршеници и изгореници поради експлозија на запаливи средства – се вели во соопштението на КФОР.
Косовската претседателка Вјоса Османи го обвини својот српски колега Вучиќ за дестабилизација на Косово.
– Српските нелегални структури претворени во криминални банди ги нападнаа косовската полиција, офицерите на КФОР и новинарите. Оние што ги извршуваат наредбите на Вучиќ за дестабилизација на северот на Косово мора да се соочат со правдата – напиша Османи.
Од друга страна, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на вонредното јавно обраќање рече дека во судирите се тешко ранети тројца Срби, а повредени се 41 припадник на КФОР, од кои повеќето припадници на унгарскиот и италијанскиот контингент.
– Се надевам дека ничиј живот не е во опасност – рече Вучиќ и отворено го обвини Албин Курти дека е „исклучиво виновен“ за инцидентите и дека со денови предупредувал за своите намери, но дека никој не сакал да ги слушне и разбере тие предупредувања.
Вучиќ ги повика Србите од Косово да не влегуваат во конфликти со членките на НАТО.
– Не затоа што јас или некој друг сме исплашени, туку затоа што Курти најмногу го сака тоа – конфликт меѓу Србите и КФОР – рече Вучиќ.
Тој додаде дека силите на српската армија се распоредени „во согласност со ситуацијата“ и „на места каде што сметаме дека е неопходно“.
Сијарто: Унгарските војници во составот на КФОР извршуваа должност под италијанска команда
Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, изјави дека Будимпешта е заинтересирана за мир и стабилност на Западен Балкан и додаде дека за тоа придонесуваат стотици унгарски војници распоредени во Косово и во Босна и Херцеговина. Тој изјави дека унгарските војници во составот на КФОР во Звечан во понеделникот ги извршувале своите задачи под италијанска команда, а неколкумина биле повредени за време на немирите.
– Унгарските војници што служат во КФОР на Косово под италијанска команда се распоредени во населбата Звечан. Унгарските војници ги извршуваа должностите по наредбата што ја добија, а неколкумина од нив беа повредени – напиша во својата писмена изјава шефот на унгарската дипломатија. Тој додаде дека КФОР и вооружените сили на Унгарија обезбедуваат медицинска нега за ранетите.
Албин Курти: Ги осудувам нападите врз косовската полиција, КФОР и врз новинарите
Премиерот на Косово, Албин Курти, вчера по средбата со амбасадорите на земјите од Квинтата плус ЕУ во своја писмена изјава напиша дека е загрижен за нападите врз косовската полиција, членовите на КФОР и врз новинарите.
– Ја споделувам загриженоста за насилството и ги осудувам нападите врз косовската полиција, КФОР и врз новинарите. Ултранационалистичките српски графити на возилата на НАТО се мрачен потсетник на Косово. Ние се залагаме за мир и безбедност – напиша Курти на Твитер.
Карл Билт: Приштина е виновна за ескалацијата на кризата
„Актуелната криза на северот на Космет ја предизвика Приштина“, констатира шведскиот политичар Карл Билт. Тој го објави своето видување на проблемот и го објави на Твитер, при што напиша дека „првите чекори со кои започна циклусот на ескалација беа направени од страна на Приштина. Потоа сѐ тргна надолу и сега е навистина лошо“.
За потсетување, шведскиот политичар Карл Билт е добро запознаен со состојбите на Балканот. Како мировен посредник на Европската Унија за поранешна Југославија, во 1995 година ги осуди воените дејства на Хрватска, поради што во таа земја беше етикетиран како персона нон грата.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера побара од земјите на т.н. Квинта, „кои имаат најголемо влијание врз Приштина“, „веднаш да донесат и да спроведат одредени мерки што ќе ја гарантираат безбедноста на Косово, што е предуслов за какви било дополнителни разговори со претставниците на привремените институции во Приштина“
Обид за релаксирање на експлозивните
состојби на северот на Косово
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера се сретна со амбасадорите на земјите од т.н. Квинта: Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Франција, Италија и Германија, како и со шефот на делегацијата на Европската Унија. Единствена тема на разговор беше последната ескалација на насилството во Косово. Вучиќ на дипломатите им изрази големо незадоволство и силна загриженост поради фактот што дел од меѓународната заедница продолжува да толерира еднострани потези на Приштина, кои очигледно водат до насилство врз српската заедница, што резултира со намален број опции што би можеле да доведат до траен мир и стабилност на Косово, но и севкупно и во регионот. Вучиќ ги информирал соговорниците за хронологијата на настаните врзани за инцидентот, во кои беа повредени голем број припадници на српската заедница, кои се собраа да го изразат своето незадоволство од упадот на илегалните сили на Курти во српските административно-општински згради, но и поради разнишаната доверба во КФОР, поради тоа што „и покрај дадените гаранции од страна на КФОР, тие не ги заштитија Србите и не го спречија незаконското и насилно преземање на општините“, истакна Вучиќ во своето обраќање кон дипломатите.
Претседателот на Србија во таа пригода потсетил дека „навремено и упорно предупредувал за ваквиот развој на ситуацијата, како и за последиците што можат да доведат до неказнето однесување на институциите во Приштина, кои не само што не ги исполнуваат своите обврски туку редовно преземаат еднострани насилни дејства против српската заедница на Косово, вклучувајќи и голем број и чести инциденти, кои резултираат со повреди, тепања, малтретирање и отворена дискриминација“.
Вучиќ отворено ја критикуваше меѓународната заедница и ја повика таа „остро, јасно и недвосмислено да реагира на политиката на институциите во Приштина и да ги заштити Србите од сѐ посилните притисоци и бруталното насилство што се врши пред очите на сите механизми, чија улога, меѓу другото, е да штитат“.
Сепак, Вучиќ подвлече дека „во сегашната ситуација од клучно значење е зачувувањето на мирот“ и дека „очекува од земјите на Квинтата, кои имаат најголемо влијание врз Приштина, итно да усвојат и да спроведат одредени мерки што би ја гарантирале безбедноста што е предуслов за каква било понатамошна дискусија“. Тој нагласи дека Србија ќе ја продолжи комуникацијата со претставниците на НАТО/КФОР со најдобра верба за зачувување на мирот и стабилноста.
Подготвил: Mарјан Велевски