Ситуацијата на Косово и понатаму е тензична, а позициите на Белград и на Приштина и натаму длабоко се разликуваат. Меѓународната заедница засега попусто повикува на смиреност и дијалог. И двете спротивставени страни не престануваат да ја обвинуваат другата страна за сите проблеми, притоа изнесувајќи аргументи во своја одбрана.
Северот на Косово и натаму е блокиран, преку административните премини Брњак и Јариње не може да се помине ниту пеш, а училиштата на северот на Косово вчера не работеа. Повод за блокадите на Србите на северот на Косово е апсењето на поранешен српски полицаец, што тие го оценија како непотребен чин и провокација.
Вучиќ: „Косовската полиција нема што да прави на север“
Вчераутро во врска со ситуацијата се огласи директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, кој изјави дека Србите не смеат да „паѓаат на провокации“ и дека мора да ги почитуваат КФОР и ЕУЛЕКС, кои се должни да ги штитат на Косово и Метохија.
– Релативно е мирно, но ситуацијата е напната до степен на вжареност поради (косовскиот премиер Албин) Курти, кој сака да се справи со српскиот народ на Косово и Метохија – изјави Петковиќ за РТС.
Тој повтори дека Србите подигнале барикади поради апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ, нагласувајќи дека е уапсен невин човек, кој бил затворен „којзнае каде, без причина“.
Претходно се огласи и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој во интервју за Ројтерс рече дека Србија бара ослободување на сите уапсени Срби од северот на Косово, а во исто време бара начини за намалување на тензиите во таа област. Тој истакна дека „косовската полиција нема што да прави на север…, особено вооружените луѓе до заби“. Тој додаде дека тоа создава непријатност и страв кај српското население.
Меѓународната заедница апелира на смирување
Американската и британската амбасада во Приштина и во Белград повикаа на отстранување на сите барикади на патиштата на северот на Косово. Во заедничкото соопштение на американските амбасади се вели дека САД се длабоко загрижени за моменталната ситуација.
„Разбираме дека косовските власти уапсија лице осомничено за вмешаност во насилен напад врз органите на прогонот и изборната комисија. Ова апсење се користи како оправдување за нелегални блокади на патиштата, како и за закани и заплашување на косовските власти и локалното население“, се вели во соопштението.
Градоначалниците на српските општини на северот на Косово, заедно со локалните судии и околу 600 полицајци, поднесоа оставки минатиот месец поради одлуката на властите во Приштина да започнат со спроведување на мерката за замена на регистарските таблички издадени од Белград со оние издадени од Приштина на територијата на Косово. Косово подоцна се согласи да го одложи спроведувањето на таа одлука, а Белград изјави дека ќе престане да издава нови регистарски таблички. Исто така, Косово одлучи да ги одложи изборите во српските општини на север до пролет. Претходно, Владата во Приштина закажа локални избори во општините со доминантно српско население за 18 декември. Најголемата партија на Србите веднаш најави бојкот на изборите, а кога изборните органи сакаа да почнат со подготовки, дојде до престрелки и експлозии. Непосредно по поставувањето улични блокади, косовската претседателка Вјоса Османи ги одложи локалните избори за 23 април, што од страна на амбасадите на Франција, Германија, Италија, Велика Британија и САД, како и од претставништвото на ЕУ, беше оценето како „конструктивен придонес“ за стабилизација на состојбата на северот на Косово.