Евентуалното воведување санкции против Русија не би го поддржале 64 отсто од граѓаните на Србија, додека 16 отсто од испитаниците се за усогласување со ЕУ по ова прашање, јави дописникот на МИА од Белград.
Анкетата спроведена од Фактор плус покажува и дека една петтина од испитаниците немаат став за тоа прашање, што, според директорот на таа агенција, Владимир Пејиќ, укажува дека противењето на санкциите „не е безусловно“, пишува весникот „Блиц“.
– Често се зборува дека 80 отсто од граѓаните се против воведување санкции против Русија, но мораме да бидеме прецизни. Во одговорите има нијанси. Дури 20 отсто од граѓаните не се за, но не се и против, и на нивното мислење може да влијаат одредени околности – рече Пејиќ.
Истражувањето покажува и дека 30 отсто од граѓаните сметаат дека новата Влада на Србија нема да воведе санкции против Русија, 20 отсто сметаат дека таквата одлука е извесна, а 18 отсто дека е „малку веројатна“, додека речиси една третина очекуваат дека новиот владин кабинет „сериозно“ ќе размисли за воведување санкции на Русија.