Во српското Собрание денес почна посебна седница на која претседателот Александар Вучиќ го презентираше „Извештајот за преговарачкиот процес со привремените институции на самоуправата во Приштина“, од 15 јуни 2021 до 1 септември годинава, на која им порача на пратениците дека Србија нема да го признае Косово, но дека реалната политика не може да се темели на митови и дека желбите на народот се максималистички, а можностите мали, јави дописникот на МИА од Белград.
– Како некој што се заколнал во Уставот на Србија, сè додека можам да влијаам, Србија ниту индиректно, ниту директно нема да ја признае еднострано прогласената независност на Косово, ниту ќе се откаже од легитимната борба за државни и национални интереси и од борбата за почитување на меѓународното право – рече Вучиќ.
Како што истакна, „во претходниот период државната политика се водеше меѓу посакуваното и можното, со тоа што желбите на граѓаните се нереални и максималистички, а нашите можности се многу ограничени“.
Вучиќ рече дека вистинската политика не може да почива на фатаморгани и митови, а тоа значи дека сопствените митови мора да се прилагодат, разбирајќи ја нивната важност во создавањето на духот на целата нација и дека без нив тие нема да опстанат.
„Она што најмногу треба да го заштитиме се нашите луѓе на Косово“, нагласи тој и потсети дека позицијата на Србија е уште потешка поради големиот конфликт во Источна Европа.
– Хистеријата во меѓународната заедница се одразува на Србија и на нашите клучни државни интереси – истакна Вучиќ.
Тој посочи дека „има зголемено присуство на специјалните сили на Приштина на северот на Косово и дека ќе зборува за „оружје и оклопни возила што ги допремуваат“. Тој додаде дека опасноста во Косово е блиска, објективна и сериозна и нагласи дека Србија не учествувала во создавањето на кризата дека и покрај се е подготвена за дијалог“.
Претседателот Александар Вучиќ рече дека не верува во никаков договор со актуелното албанско раководство, бидејќи не ги интересираат рационални аргументи и меѓународно право. Тој истакна дека во последните денови има јасни обиди за целосна промена на политичката арматура на преговорите за Косово.
– Од она што беше постигнато претходно, тие ќе кажат – ќе се направи, рече Вучиќ, но истакна дека од Србија ќе се бара да оди кон неформално признавање на независноста на Косово, кое ќе биде претставено како „подарок од небо“.
„И што и да кажеме, ќе имаме тешка ситуација. Не знам како ќе одолееме, а тој притисок ќе се зголеми“, посочи тој, наведувајќи дека има две причини за ова.
Првата причина е тоа што никој не сака да отвори нов конфликт на Западен Балкан, „а од друга страна, Западот има потреба да го исфрли од рацете на Путин аргументот за Косово“.
Вучиќ оцени дека суштинската причина за кризата во дијалогот Белград-Приштина произлегува од фактот што западниот свет не сака да ги почитува Повелбата на ОН и Резолуцијата 1244 во случајот со Србија, ниту пак се заинтересирани да ги почитуваат договорите постигнати во дијалогот.
Претседателот на Националното собрание Владимир Орлиќ изјави дека во рамки на Првата посебна седница за Косово отворено ќе се разговара два дена, а Вучиќ ќе одговара на пратенички прашања.
Свои предлози за резолуции за Косово поднесоа и пратениците од Двери и Народната странка (НС), додека пратениците од опозициската Партија на слободата и правдата (ССП) најавија иницијатива за формирање парламентарна комисија која ќе сочини платформа за преговори.