Бугарскиот претседател Румен Радев денеска има разговор во „четири очи“ со германскиот канцелар Олаф Шолц, кој се наоѓа во посета на Бугарија.
Како што јавува МИА, по нивната заедничка фотографија, во зградата на претседателската администрација почнаа пленарните разговори меѓу двете делегации.
На почетокот од разговорите, како што забележуваат бугарските медиуми, немало воведни зборови, туку само можност за протоколарни кадри за снимателите и фоторепортерите.
Радев и Шолц застанаа на официјална фотографија во салата со грбот на Претседателството во Софија.
Претходно, германскиот канцелар Шолц имаше средба со премиерот Кирил Петков, по која двајцата одржаа заедничка прес-конференција.
Во фокусот на разговорите беа можностите за продлабочување на билатералните односи, како и актуелните прашања, вклучително и предизвиците од војната во Украина, енергетската безбедност во Европа и европската интеграција на Западен Балкан.