Стефан Стојановиќ (11) и Милош Стојановиќ (21), кои вчера беа ранети кај Штрпце на Косово, кога локален Албанец пукал во нив од возило во движење, се добро и закрепнуваат. Напаѓачот е уапсен. Населението ги прекина протестите и блокадата на патот Урошевац-Штрпце, пренесува РТС. Нападот го осудија Белград и Приштина, како и претставници на ЕУЛЕКС, ОЕБС и Европскиот парламент.
По разговор со претставници на локалната власт и ветувањата на полицијата, жителите одлучија да ги прекинат протестите и блокадата на патот Урошевац-Штрпце.
Договорено е полицијата уште еднаш да постави контролни пунктови на влезот во Штрпце и на излезот кај Јажнице.
Беше договорена средба и со градоначалникот на Штрпце, претставници на селото и полицијата, на која граѓаните ќе ги достават барањата до полицијата поврзани со безбедноста.
Нападот го осудија и Белград и Приштина. Српскиот претседател Александар Вучиќ им испрати поддршка на ранетите момчиња.
Европската Унија го осуди инцидентот и оцени дека е важно властите во Приштина да го истражат ова грозоморно злосторство, соопшти портпаролот на ЕУ Петер Стано.
Директорот на Канцеларијата за Косово, Петар Петковиќ, изјави дека Приштина со повредувањето на момчињата испраќа порака дека Србите не се добредојдени и дека обидот за убиство на српски деца е дамка на лицето на меѓународната заедница.
Тој за РТС изјави дека за жал српскиот народ овој Божиќ го поминува со горчлив вкус поради вчерашното ранување на Стефан и Милош Стојановиќ.
– Тие се добро. Стефан е во КБЦ во Грачаница, Милош е дома, самиот Господ ги спасил. Вчера, на Божиќ, Албанец пукаше во нашите деца само затоа што носеа бадниково дрво – рече тој.
Како што оцени, политиката на омраза кон Србите води до зголемен број инциденти, а не дозволува мир ниту на најголемите празници.
– Приштина испраќа порака дека Србите не се добредојдени. Државата ќе направи се бидејќи животот на секое дете е црвена линија и свет – рече тој.