Оптимизам за регионот, особено, како што вели, ако успее да се интегрира во Европската Унија, изразува премиерот на Албанија Еди Рама за грчкиот весник „Катимерини“.
Говорејќи за Балканот потенцира дека е позната изреката дека во регионот произведуваме повеќе историја отколку што можеме да консумираме, но истакнува дека сепак, и покрај сите проблеми, постои меѓусебна солидарност и помош.
– Оптимист сум за Балканот, особено ако успееме да соработуваме меѓу себе и особено ако влеземе под чадорот на ЕУ. Секако, ние Балканците ги имаме нашите прашања, нашите несогласувања, правиме трикови. Но, ние сме такви. Во спротивно ќе бевме Бенелукс – истакнува Рама.
Посочува дека неговата баба велела дека „колку е посреќен соседот, толку е посреќна твојата куќа“ и додава дека во регионот „се караме, не се согласуваме, но ако дојде до катастрофа, соседот прв ќе ја почувствува и ќе дојде да помогне и народите го знаат ова“.