Бугарија

Бугарскиот претседател Румен Радев и потпретседателката Илијана Јотова, на свечена церемонија во Народното собрание положија заклетва за вториот мандат на функциите. На церемонијата присуствуваа претседателот Петар Стојанов (1997-2002 година), како и претходните претседатели на Народното собрание – Михаил Миков, Борислав Великов, Огњан Герџиков, како и актуелниот премиер Кирил Петков и владините министри.
Еден од покарактеристичните моменти од свеченоста беше влегувањето во салата на Радев и Јотова, кои беа пречекани од станати пратеници од четирите партии во владејачката коалиција, додека другите пратеници од Преродба, ГЕРБ-СДС и ДПС останаа да седат.
Во својот говор по полагањето заклетва, Радев потсети дека пред пет години граѓаните му дале и му ја довериле одговорната мисија на претседател на Бугарија да работи за суверенитетот и безбедноста на државата. Според Радев, неговиот прв претседателски мандат бил во драматично време во кое стариот авторитарен модел на владеење го достигна својот зенит.
– Додека во општеството нараснуваше незадоволството од корупцијата, беззаконието и пропагандата, на кои тој се потпираше. Граѓанскиот бунт во 2020 година против мафиотизацијата на власта на површината ги извади фактите и процесите, што таа ги премолчуваше. И на мене не ми е пријатно, но јас ја претпочитам вистината – рече старо-новиот шеф на државата.
По овие зборови на претседателот, пратеничката група на ГЕРБ ја напушти пленарната сала. Десислава Атанасова од пратеничката група на ГЕРБ коментира дека ниту еден претседател досега не се однесувал вака.
– Беше необјасниво како претседателот, кој според Уставот треба да биде натпартиски и треба да биде обединувач на сите политички сили, стана делител на нацијата – рече Атанасова.