Претседателите на Бугарија и Албанија ја истакнаа изградбата на Коридорот 8 како стратешки приоритет за Југоисточна Европа.
-Бугарија силно го поддржува почетокот на преговарачкиот процес за членство на Република Албанија во Европската унија. Длабоките и тешки, но со јасен фокус реформи преземени од албанска страна во областа на правдата, економијата и заштитата на националните малцинства го покажуваат тешкиот пат на земјата – изјави бугарскиот претседател Румен Радев на заедничката прес-конференција со неговиот албански колега Илир Мета.
Претседателот на Република Албанија е во официјална посета на Бугарија на покана на бугарскиот претседател. На пленарните разговори учествуваше и потпретседателката Илијана Јотова.
-Бугарија и Албанија не се само сојузници, туку и пријатели. За тоа придонесе значајното бугарско национално малцинство во Република Албанија – нагласи шефот на бугарската држава.
Радев ја поздрави политиката на Албанија кон националните малцинства и законот донесен во 2017 година за нивна заштита, како и споредните правни одлуки на оваа тема, „за да се исполнат сите неопходни услови за европски пристап и односи“. „Ќе продолжиме да работиме заедно“, изјави тој, заблагодарувајќи се за отворената политика, благодарение на која бугарското национално малцинство во Албанија продолжува да биде силен мост меѓу двата народи, зачувувајќи го нивниот идентитет, учењето на нивниот мајчин јазик и зачувувањето на нивните национални традиции.
-Се надевам дека ќе работиме многу поактивно на што поскора изградба на културно-информативни центри во Тирана и Софија. Тоа ќе им овозможи на нашите народи многу поплодно да соработуваат на полето на културата и образованието – изјави претседателот Радев, пренесува МИА.