Србија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера престојуваше во Прибој за „да се намалат растечките меѓуетнички тензии и да се преземат конкретни мерки“. На својот официјален инстаграм-профил, тој претходно објави слика на која е заедно со министерот за внатрешни работи Александар Вулин и началникот на Генералштабот на војската на Србија, Милан Мојсиловиќ, на терасата на Претседателството на Србија. Во текстот под сликата претседателот Вучиќ напиша дека тој заедно со соработниците ќе го посети Прибој, за да се намалат растечките меѓуетнички тензии.
Инаку, изминативе денови во Прибој се случија неколку инциденти. На почетокот на јануари, медиумите објавија видео од приватна прослава на која присуствуваа и припадници на српската полиција во Прибој, на која се пееше националистичка песна во која се величаа случувањата во Сребреница. Веднаш потоа, на 8 јануари, локалниот портал „Санџакпрес“ објави дека на денот на православниот Божиќ двајца полицајци од Прибој во јавна комуникација на социјалните мрежи му се заканувале на муслимански свештеник во Прибој. Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека е поведена дисциплинска постапка против 12 припадници на Управата на граничната полиција во Прибој што навредувале граѓани од друга вероисповед и националност. Порталот „Санџакпрес“ објави и видео на кое се гледа како група луѓе со запалени факли по улиците пеат песни што се против муслиманското население во градот. Прибој е град во југозападна Србија, каде што живеат Срби и Бошњаци.

Подготви: Дејан Србиновски