Фото: Фејсбук-страница на Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ неодамна откри дека земја од ЕУ доставила сознанија до Србија оти седум лица од различни држави се наоѓаат на листата на осомничени кои имале намера да организираат атентат врз него. Тој истакна и дека информациите за планот за негов атентат ги добил од Европол. Ова е последната од неколкуте наводни закани за атентат со кои се соочи српскиот лидер, со што во тамошната јавност постојат поделени мислења за нивната сериозност, кога во прашање се српската власт и опозиција.

Во однос на последниот случај, Вучиќ посочи и дека српските служби имаат податоци и работат на откривање на деталите, наведувајќи и оти дестабилизацијата на Србија би била во интерес на многумина, кога станува збор за обидот за атентат, како што пренесоа српските медиуми. Според српскиот министер за внатрешни работи, Александар Вулин, за планот за атентат е осомничена криминална организација предводена од црногорскиот државјанин Радоје Звицер, кој важи за еден од водачите на кавачкиот клан одговорен за продажба и шверц на дрога.

Меѓу претходните закани по животот на Вучиќ се спомнуваа и пронајденото оружје во шума во приградската населба на Белград, Јајинци, во 2016 година, во близина на семејната куќа на родителите на тогашниот српски премиер. Неколку дена подоцна во рамки на поврзаната истрага, српските медиуми објавија дека полицијата открила украдено возило полно со оружје во белградската населба Нови Београд. Случајот е без судски исход. A меѓу неразјаснетите обиди или заговори за наводни атентати за кои дел од српските медиуми пишуваа, е и судирот на автомобил во кој биле три момчиња со автомобилот на претседателот во Белград во 2017 година, како и планираниот атентат при откривањето на споменикот на Стефан Немања во Белград минатата година.

Претходно српскиот неделник „НИН“ беше обвинуван дека „вперува пушка“ кон Вучиќ поради насловна страница од 2019 година со фотографија од посетата на српскиот претседател на саем на оружје, додека одредени српски таблоиди исто така тврдеа дека весникот „Данас“ повикува на негова ликвидација.

Вучиќ се соочи и со напад врз него во Поточари на 11 јули 2015 година, при одбележувањето на геноцидот во Сребреница од 1995 година, што дел од српските медиуми го оквалификуваа како атентат.

– Штом се појави некој проблем кој би можел да ја чини власта од нејзиниот рејтинг, таа ќе исценира непостоечка драма, заговор, атентат или нешто слично и ќе крене бука која веќе измачените луѓе, преплавени со лаги, не можат да ја проверат и ја примаат како секојдневие – кажа неодамна српскиот режисер Горан Марковиќ, кој се јавува како критичар на актуелната власт во Србија.

„Данас“ пишуваше за „Февруарскиот атентат на Вучиќ во предизборни цели“ повикувајќи се на мислењата на повеќе соговорници, но ја пренесе и изјавата на поранешниот претседателски кандидат Саша Јанковиќ, кој смета дека последните наводни планови за атентат на Вучиќ „по првпат се вистинити“. Истратата за случајот е во тек.