Партијата на бугарските социјалисти (БСП) постави услов Кирил Петков да не биде кандидат за премиер ако сакаат да продолжат консултациите за составување на новата влада
Актуелниот вицепремиер и министер за финансии Асен Василев е кандидат за премиер на Продолжуваме со промените. Ова е предлогот на премиерот во оставка Кирил Петков, откако коалицискиот партнер во досегашната влада, Партијата на бугарските социјалисти (БСП), постави услов Петков да не биде кандидат за премиер ако сакаат да продолжат консултациите за нова влада. Условувањето од бугарските социјалисти следува по одлуката за протерувањето на 70 руски дипломати од Бугарија.
– Асен Василев е личност на која безусловно ѝ верувам. Нема да дозволиме грст луѓе да ограбуваат јавни средства. Нема да дозволиме странските дипломати да поставуваат ултиматуми – рече Петков во својата изјава.
Тој додаде дека нема да дозволат Бугарија да тргне во погрешна насока.
Како што е познато, руската амбасадорка Елеонора Митрофанова во четвртокот упати нота со која ѝ постави услов на Бугарија да ја откаже одлуката за протерување на 70 руски претставници во Бугарија, а доколку тоа не се направи до петок во 12 часот, руската амбасада во Бугарија ќе биде затворена.
Оставката на премиерот Кирил Петков и неговиот кабинет дојде по успешното гласање за недоверба на неговата влада во парламентот, кое го иницира опозициската партија ГЕРБ, откако партијата Има таков народ (ИТН) на Слави Трифонов ја напушти владејачката коалиција.
Кабинетот на Петков ја презеде функцијата во декември 2021 година и беше на власт вкупно шест месеци. Бугарија минатата година имаше три парламентарни избори, како и две преодни влади, назначени од претседателот Румен Радев. Петков и Асенов се познати како „харвардската“ двојка и претставници на помладата генерација политичари во Бугарија, кои формираа партија што победи на последните парламентарни избори.
Во текот на вчерашниот ден, од партијата Преродба најавија дека ќе бараат поништување на одлуката на бугарското народно собрание со која Владата доби мандат да го поддржи францускиот предлог за Македонија и укинување на ветото за почнување преговори за членство во Европската Унија, пренесе Бугарското национално радио.
Лидерот на партијата, Костадин Костадинов, инсистираше Министерството за надворешни работи да ги информира народните претставници за новата одлука на францускиот претседател Емануел Макрон.