Новинарско истражување утврдило дека владата на Мицотакис масовно прислушувала стотина претставници на опозицијата, новинари, владини претставници, бизнисмени и полицајци. Портпаролот на премиерот, пак, сѐ уште ги отфрла обвинувањата како „недокажани и неосновани“
Шпионскиот скандал во Грција се продлабочува
Големиот скандал што изби во Грција откако проопозицискиот весник „Документо“ објави дека Владата во Атина прислушувала телефони на голема група луѓе, добива интензитет откако во јавноста излегоа нови имиња на луѓето што биле под електронска обработка на тајните служби. Така, „Документо“ објави дека на новата листа прислушувани со софтверот „Предатор“, меѓу другите, се и поранешниот началник на грчката полиција, обвинителката во Националната служба за разузнавање, но и владиниот портпарол. Ова беше повод опозициската СИРИЗА да побара од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис или да даде одговори или да поднесе оставка. Од СИРИЗА преку соопштение коментираат дека со она што го објави весникот „Мицотакис повеќе не е обвинет за следење на неговите противници и соработници, туку за организирање и извршување невидена уставна и демократска диверзија“.
– Или ќе даде убедливи одговори за диверзијата или ќе треба веднаш да поднесе оставка, бидејќи тоа што го направи е многу сериозна опасност за самата демократија – соопштија од СИРИЗА.
Весникот пишува дека конкретните лица биле прислушувани со „Предатор“ по наредба од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, а на новата листата со 33 имиња, освен поранешниот началник на грчката полиција, обвинителката во Националната служба за разузнавање и владиниот портпарол се и министерката за образование, пратеник од ПАСОК, генерални секретари, обвинител, бизнисмени итн.
Портпаролот на грчката влада, Јанис Иконому, одговори дека „уставна и демократска диверзија е тоа што СИРИЗА се обидува да создаде услови на политичка аномалија со целосно усвојување недокажани тврдења“, додека, пак, за издавачот на „Документо“, новинарот Костас Ваксеванис рече дека „неговите митови и шпионски романи се пишуваат за да се создаде наратив за оправдување на поразот на СИРИЗА што се наѕира на претстојните избори“.
– Владата, прва во Европа, претстави комплетна законска рамка за справување со малициозни софтвери, а во исто време силна е нејзината политичка волја за целосна истрага на правдата и расчистување на сè што е објавено од медиумите, со цел да се дефинираат реални димензии на случајот во Грција, од моментот кога такви софтвери се појавија уште за време на Владата на СИРИЗА – рече Иконому во писмената изјава.
Иронијата да биде поголема, весникот „Документо“ наведува дека меѓу прислушуваните помошници на премиерот бил и неговиот портпарол Јанис Оиконому.
Пред три седмици, весникот „Документо“ ја објави првата листа со 33 лица, за кои пишуваше дека преку софтверот „Предатор“ и Националната служба за разузнавање (ЕИП) биле прислушувани од кабинетот на грчкиот премиер, во чија надлежност е и ЕИП.
На првата листа меѓу другите беа и: поранешниот премиер од редовите на Нова демократија, Андонис Самарас, шефот на грчката дипломатија, Никос Дендиас, министрите за развој, туризам и труд, како и нивните сопруги, министерот за финансии, заменик-министерот за одбрана, алтернативната владина портпаролка, поранешните министри за заштита на граѓаните итн., но и личности поврзани со големите бизнисмени во Грција, како и лидерот на ПАСОК – Движење на промена.
Весникот, чии новинари го истражуваат овој случај веќе неколку месеци, пишува дека цел на прислушувањето бил поранешниот шеф на грчката полиција, Михалис Карамалакис, чиј мобилен телефон бил прислушуван со помош на софтверот „Предатор“. Акцијата ја спровела Националната разузнавачка служба (ЕИП), а по наредба на актуелниот премиер Киријакос Мицотакис. Во извештајот се наведува дека Националната разузнавачка служба прислушувала повеќе од сто телефонски броеви. Меѓу прислушуваните се опозицискиот политичар Никос Андрулакис, обвинителот Христос Бардакис, како и влијателните новинари Тина Месаропулу, Танасис Кукакис и Ставрос Михалудис.
Интересно е што, според весникот, премиерот Мицотакис наредил прислушување и на сопствените советници и луѓе од доверба.
Премиерот Мицотакис е тој што директно ја надгледува работата на Националната разузнавачка служба. Тој ги отфрли сите обвинувања на весникот „Документо“.
Лидерот на опозицијата, Алексис Ципрас, го повика премиерот „да престане да се крие“, да излезе во јавноста и да одговори на обвинувањата.
Скандалот со прислушувањето во Грција првпат изби на почетокот на август годинава, кога Панајотис Контолеон, тогашен шеф на Националната разузнавачка служба, пред парламентарната комисија изјави дека разузнавачката служба го прислушувала новинарот Танасис Кукакис, кој е експерт за финансиски измами. На почетокот на овој месец, Европскиот парламент ги обвини властите во Атина, како и три други членки на Европската Унија дека го користат системот „Предатор“ за прислушување на нивните граѓани.
Подготвил: Mарјан Велевски