Фото: Принтскрин/Јутуб / Илустрација

Група од 40 граѓански активисти и пратеници од опозицијата, утрината околу 6 часот го изненадија полицискиот кордон заобиколикувајќи ги барикадите и го окупираа средишниот дел од Савскиот мост во центарот на Белград за да го спречат негово рушење, иако полицијата ги спречуваше во тоа, јави дописникот на МИА од Белград.

Активистите со денови кампуваат на приодите до стариот Савски мост во обид да го спречат неговото уривање, што е план на градската власт, која од 2 ноември почна со подготовки на негова демонтажа.

Заменик-претседателот на Партијата за слобода и правда (СПП) и пратеник Борко Стефановиќ денес изјави дека активисти на опозициските партии и иницијативата „Мостот останува“ успеале во неделата околу 5 часот и 30 минути да стигнат до стариот Савски мост во Белград и да спречат негово незаконско уривање.

– Се обидовме да дојдеме до мостот што го блокираше полицијата. Ги изненадивме. Додека се приближувавме до мостот, неколку полицајци се обидоа да не спречат. Имаше туркање, но акцијата беше успешна. Луѓе од опозициските партии и иницијативата „Мостот останува“ се таму. Не може да се изведуваат работи ниту да пристапат машините – изјави Стефановиќ.

Тој рече дека на мостот има полициски кордон и додаде дека сега ситуацијата е мирна.

Група активисти и граѓани кои се противат на уривањето на стариот Савски мост во Белград, вчера еден час ја блокираа раскрсницата на елитната населба во Белград на вода.

За време на протестот на стариот Савски мост на 20 ноември, полицијата го приведе лидерот на опозициското движење „Крени-промени“ Сава Манојловиќ и градскиот советник на тоа движење Александар Јовановиќ, за подоцна да бидат ослободени.

Истиот ден започнаа работите на демонтирање на тој мост, поради што активистите од протест еден час го блокираа блискиот Бранков мост, кој ги поврзува стариот и новиот дел на Белград.

Од градската власт тврдат дека мостот е небезбеден и дека на негово место ќе се гради модерна сообраќајница. Од друга страна, противниците на уривањето на Савскиот мост посочуваат дека се работи за нетранспарентен проект и дека мостот има историско значење за градот и да треба да се реконструира.