Фото: ЕПА

Балканските криминални наркоорганизации им станаа моќен противник на полициите од многу земји. Нивна карактеристика, според експертите за борба против наркокартелите, е дека „на Балканот нема јасна хиерархија и главен газда, туку функционираат како низа помали кланови што се здружуваат од работа до работа“, па со тоа тешко може да се нанесе летален удар, со пресекување „една криминална глава“. Имено, балканската криминална наркоструктура е дифузна и ја споредуваат со „повеќеглава ламја“

Балканскиот криминален картел во центарот на глобалната кокаинска наркомрежа

Членовите на балканските кланови се поврзани со најозлогласените криминални групи во светот и нашле засолниште во одредени земји од Латинска Америка, од каде што најчесто потекнуваат најголемите пратки со кокаин и каде што се стационирани најпознатите наркобосови.
Во годинашниот извештај на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ) се наведува дека трговијата со кокаин во Колумбија некогаш била контролирана само од неколку големи „играчи“. Но, по демобилизацијата на Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК) во 2016 година, земјата сега е управувана од криминални групи од различни големини, структури и цели.

Балканската криминална организација една од водечките, партнерски со колумбиската

„Мексиканските и балканските банди се доближија до центарот на производството за да добијат пристап до набавка и трговија на големо со кокаин. Овие странски групи немаат цел да ја преземат контролата врз територијата, туку нивното присуство помага да се поттикне одгледувањето кокаин и да се финансираат сите фази од синџирот на снабдување“, се вели во извештајот.
Колумбиската мафијашка наркоорганизација „Клан дел Голфо“, чиј лидер Отониел беше уапсен пред три години, ја имала балканската мафија за сојузник, како една од своите пет главни меѓународни врски, соопшти колумбиската полиција.
– Оваа криминална организација има пет главни сојузи за шверц на кокаин на различни географски широчини: во Мексико тоа се картелите „Халиско нуева генерација“ и „Синалоа“, во Европа калабриската и сицилијанската мафија, а петти сојузник е мрежата за шверц на дрога од Балканот – рече генералот Хорхе Луис Варгас, своевремено шеф на колумбиската полиција.
Кога станува збор за балканските криминалци, утврдено е дека државјани на Србија шверцувале кокаин и од Перу. Како пример, во извештајот на УНОДЦ се споменува криминалната група „Америка“. Тој клан важи за еден од најмоќните дилери на дрога од Балканот, а водачот на групата Зоран Јакшиќ во 2016 година беше уапсен и осуден за шверц на дрога. Според локалните медиуми, тој користел дури 40 лажни идентитети. Перуанските власти тврдат дека групата „Америка“ е одговорна и за убиствата во Перу и Аргентина.
Организираните криминални групи од Балканот се и главни актери во големиот шверц на кокаин во Источна Европа, се нагласува во извештајот на УНОДЦ.
„Помалку истражениот пазар на кокаин во Источна Европа главно се снабдува од албански и српски криминални групи. Некои граѓани на Србија веќе подолго време се активни во шверцот на кокаин од Еквадор на Балканот, но и балтичките земји и Русија“, се наведува во документот.

Најкомплицираниот и најкомплексен дел од бизнисот со шверц на дрога го организираат „Балканците“

Криминологот Добривоје Радовановиќ за „Политика“ вели дека „балканскиот картел“ игра многу голема улога во глобалниот транспорт на кокаин од Јужна Америка.
– Транспортот е најкомплицираниот и најкомплексен дел од бизнисот со шверц на дрога. За тоа се потребни најспособните и најпаметни луѓе. Балканците се покажаа способни за оваа работа на многу начини, особено оние што се родени на бреговите на морето во Црна Гора, Хрватска и Албанија – забележува криминологот.
„Балканскиот картел“ од неодамна се поврзува со ирскиот клан „Кинахан“, кој се карактеризира како една од најмоќните и најопасни мафијашки организации во светот. Еден од „истакнатите“ водачи на овој клан е Даниел Кинахан. За информации за него, американската ДЕА нуди пет милиони долари. Според неофицијални информации, Даниел Кинахан соработува и со балканскиот наркобос Един Гачанин-Тито.
Според полициските извештаи, картелот „Кинахан“ е одговорен за увоз на тони дрога и оружје низ светот повеќе од две децении, а американската ДЕА го споредува со криминалните организации како што се италијанската „Камора“, мексиканската „Лос Зетас“ и јапонската „Јакуза“.
Бандата „Кинахан“ започна како валкана операција за шверц на дрога во јужен Даблин, но со текот на времето порасна и стана транснационална криминална организација, која заработи повеќе од милијарда долари, открија оперативците.
„Балканскиот картел“ е баран противник на полицијата, бидејќи нема јасна хиерархија и главен газда, туку повеќе функционира како низа помали кланови што се здружуваат од работа до работа.
Во документот „Регионална процена на заканите од сериозен и организиран криминал“, кој пред неколку години го подготвија министерствата за внатрешни работи на Србија, Црна Гора и Македонија, пишува дека балканските кланови заработуваат 100 милиони евра годишно само со продавање кокаин во Западна Европа.
„Една балканска организирана криминална група, која работи со други групи, во повеќе наврати во текот на годината шверцува од 500 до 1.000 килограми кокаин. Може да оствари годишен профит меѓу 15 и 30 милиони евра. Добивката се зголемува на 70 до 100 милиони евра годишно во случаи кога организираните криминални групи учествуваат и во улична продажба во западноевропските земји. Огромните профити се примарен фактор во здружувањето и работењето на овие групи. Секоја недисциплина и конфискација на товарот кокаин води до меѓусебни конфронтации, како во Србија и Црна Гора, така и во други европски градови, како и во Јужна Америка“, се наведува во документот „Регионална процена на заканите од сериозен и организиран криминал“.