Илиас Касидиарис / Фото: ЕПА

Илиас Касидиарис, некогашен портпарол на забранетата Златна зора, иако осуден на 13 години затворска казна, сепак ги влечел конците и ја формирал политичката партија Спартанци, но Судот во Атина утврдил дека таа партија не ги исполнила условите за да учествува на европските избори

Грција

Врховниот суд на Грција во средата ѝ забрани на крајнодесничарската партија што функционира под името Спартанци да се кандидира на годинашниве избори во Европарламентот.
Судски извори ја потврдиле информацијата за „Ројтерс“, со оглед дека во Грција судските одлуки не се објавуваат веднаш. Судот донел одлука според која партијата не ги исполнила поставените услови за учество на изборите.
Овој месец, јавниот обвинител нареди да се поднесе обвинение против 11 пратеници што беа изворно избрани на листата на политичката партија Спартанци, поради основано сомнение дека „на националните избори одржани во јуни 2023 година ги измамиле гласачите добивајќи упатства од политичар што бил и сѐ уште е во затвор“.
(Петмина од нив оттогаш станаа независни пратеници.)
Се очекува во наредните денови изборниот суд да донесе одлука дали 11-те пратенички места може да се распределат меѓу претставниците на другите партии во 300-члениот парламент или ќе треба да се повторат изборите во регионите каде што биле избрани.
На минатогодишните избори, три ултранационалистички партии освоија места во парламентот, добивајќи повеќе од 12 отсто од гласовите.
Судскиот епилог предизвика политички превирања и откри сѐ поголем јаз меѓу 11-те пратеници, кои разменија остри обвинувања.
Во средата, 33-годишниот пратеник што во февруари поднесе оставка од пратеничката група Спартанци беше приведен откако со тупаница во лице удри член на друга ултранационалистичка партија. Партијата Спартанци едвај беше спомната во анкетите пред изборите во јуни 2023 година сѐ додека Илиас Касидиарис, кој отслужува затворска казна за неговата водечка улога во забранетата крајнодесничарска партија Златна зора, не ја поддржа од својата затворска ќелија.
Во средата, грчкиот Врховен суд одобри претставници на 31 партија да се натпреваруваат на изборите за ЕУ од 6 до 9 јуни. Потоа гласачите во целиот 27-член блок на земји членки ќе изберат 720 нови члена на ЕП, кои ќе бидат на таа позиција во следните пет години.

Касидиарис беше високорангиран во неонацистичката и милитантна партиска организација Златна зора. Тој беше портпарол, но и активен член, кој честопати предизвикуваше инциденти. Македонците во Грција добро го знаат тоа. Касидиарис не криеше дека иако е во затвор откако беше осуден на 13 години робија ја формира новата партија, но неговите поддржувачи ги поминале филтрите и ја регистрирале новата партија. Пред формирањето на партијата, Касидиарис рече дека формира нова партија со цел „Грција одново да стане голема и силна“ и да се спротивстави на „исламизацијата и планот за замена на грчкото население“.
Преку седумминутна видеопорака, тој кажа дека иницијативата е да се формира движење на Грци „за национално преживување и одново раѓање на хеленизмот“ и „за една и единствена визија: голема слободна и силна Грција“.
– Се спроведува организиран план за замена на населението. За неколку децении, ние и нашите деца сме во опасност да бидеме малцинство во нашата татковина – вели Касидиарис и ги обвинува членовите на Нова демократија дека се „измамници што секојдневно промовираат план за исламизација и дехеленизација на Грција“, а медиумите дека го прикриваат овој план. Х.И.


Кој е Илиас Касидиарис што командува со
ултрадесните партиски војници од затворска ќелија

Грчкиот Врховен суд соопшти дека во средата ѝ забранил на екстремно десничарската партија Спартанци (Спартијати) да учествува на годинашните избори за Европскиот парламент, бидејќи нејзиниот вистински лидер е затворен политичар од неонацистичката Златна зора. Судот рече дека одлучувачка улога за забраната на партијата имала кривичната пријава поднесена од обвинителот на Врховниот суд против 11 пратеници првично избрани на ливчето на Спартанците поради сомневање дека ги измамиле гласачите на националните избори во јуни 2023 година, земајќи ги упатствата од Илиас Касидиарис, поранешна водечка фигура на Златна зора, кој издржува вкупна затворска казна од 13 години и шест месеци за здружување и раководење со криминалната организација.
– Се чини дека партијата Спартанци, чиј вистински лидер е Илиас Касидиарис […] промовира политика што не ја почитува демократијата и има цел да ги ослабне и уништи демократската политика и институциите на владеењето на правото, особено со употреба на насилство или поттикнување насилство, како и негово оправдување, промовирање на тоталитарните идеологии, ширење расистички и нетолерантни идеи и ксенофобија, одобрување злосторства против човештвото, омраза кон лица и групи, дејства и декларации што го загрозуваат мирниот соживот на социјалните групи во земјата – велат судиите во нивното мислење од 122 страници објавено доцна во средата.
Касидиарис и 11-те пратеници „ја понудија својата партија како покритие на Илиас Касидиарис да формира нова партија, со што ќе му се олесни да ги заобиколи ограничувањата за подобност утврдени со изборното законодавство“, додаде судот.