Во Србија трговските маржи се двоцифрени и се резултат на отсуството на контрола и немањето здрава пазарна конкуренција, сметаат економските аналитичари
Цените на основните животни намирници во Србија значително пораснаа во споредба со минатата година, а една од причините за тоа се и повисоките трговски маржи. Покрај српските трговски компании и странските производители на храна во крајната цена на производот вкалкулираат повисоки маржи од вообичаените пет отсто. Во Србија трговските маржи се двоцифрени и се резултат на отсуството на контрола и немањето здрава пазарна конкуренција, сметаат економските аналитичари.
– Трговските маржи кај нас се прашање на монополот, кои го имаат големите трговски синџири во Србија. Маржи на ниво од 30, 40 или 50 отсто не постојат никаде во светот, а нема ни каматни стапки на толку високо ниво. Се најдовме во ситуација кога трговците го плаќаат евтино тоа што го набавуваат. На земјоделските производители им се плаќаат ниски цени, така што не им се исплатува да произведуваат. За крајните потрошувачи на крајот цената е превисока – вели Верољуб Дугалиќ, професор на Економскиот факултет во Крагуевац.
Големата разлика меѓу откупната цена и малопродажната цена во трговијата може да се види низ примерот со млекото. Производителите на млеко го продаваат млекото за околу 40 динари за литар, а продажната цена во продавниците се движи од 130 до 175 динари.
Петар Богосављевиќ од Движењето за заштита на потрошувачи во Србија вели дека главниот проблем со високите цени се состои во недоволното производство и на домашната понуда.
– Голем број граѓани не се во состојба да платат за поскапото свинско и говедско месо. Проблемите се посложени. Имаме недоволна понуда и не го стимулираме домашното производство. Не се следат и надворешниот пазар и можноста за слободен увоз на поевтини производи. Преголемата заштита им овозможува на трговците и на големите маркети можност за остварување екстра профити – вели Богосављевиќ за „Данас“.
Со високите цени на прехранбените производи се соочуваат и граѓаните од другите земји во регионот. Сојузот на самостојни синдикати во Босна и Херцеговина пресметал дека синдикалната потрошувачка кошничка за септември 2023 година изнесувала 2.993 конвертибилни марки. Претседателката на Здружението за заштита на потрошувачи од Приедор, Муриса Мариќ, вели дека инфлацијата го зема својот данок, а граѓаните се принудени да се откажуваат од другите потреби, кои претставуваат подобар живот, како што е одењето на одмор.
Цените на храната во Црна Гора за изминатите две години, според податоците на управата за статистика „Монстат“, е зголемена за 36 отсто, а за истиот период вкупната инфлација изнесувала 25 отсто. Високиот пораст на цените ги погодува најсиромашните слоеви од населението. Минималната потрошувачка кошничка во Црна Гора во септември изнесувала 847 евра, а за храна за четиричлено семејство биле потребни 397 евра.