Иако до изборите во Хрватска има уште една година, почнаа напорните подготовки, лобирањето, потрагата по идеални кандидати и сè потешката реторика меѓу политичарите. Хрватска ја чекаат парламентарни, европски, претседателски и локални избори, во период од половина година
Успех е победата на домашните избори, но победата на европските е нешто друго
По обичај, како што се наближуваат избори во Хрватска, најсилната бура се крева околу Пантовчак, каде што седиштето на шефот на државата е во поранешната Титова вила. Дополнителна нервоза создава фактот дека актуелниот претседател Зоран Милановиќ не се изјаснил дали ќе се кандидира за втор мандат. Како претседател, тој е свесен дека нема големи овластувања, а иако е најпопуларниот политичар во Хрватска, многумина сметаат дека треба да основа своја партија што би ја загрозила ХДЗ.
За тоа време, најголемата хрватска партија ангажирано бара свој кандидат за претседател, а сѐ почесто се споменува дека тоа би можела повторно да биде Колинда Грабар Китаровиќ. Во последно време таа сѐ почесто се појавува во јавноста, но не сака да открие дали се враќа во политиката. Треба да се истакне дека таа сѐ уште има приврзаници во владејачката партија, иако тешко дека ќе победи повторно. Се споменува и дипломатот Иван Шимоновиќ, кој е во Њујорк, а бил и помошник-генерален секретар на ОН и министер во неколку влади на ХДЗ. Меѓу потенцијалните кандидати што ХДЗ би можела да му ги спротивстави на Милановиќ, доколку тој сака да остане во Пантовчак, се споменува и актуелниот претседател на Собранието, Гордан Јандроковиќ.
Кога станува збор за парламентарните избори, сите анкети го покажуваат големото раководство на ХДЗ и актуелен премиер Андреј Пленковиќ, кој доколку изборите се одржеа денеска лесно ќе добиеше трет мандат. Но од друга страна, крајно е неизвесна политичката иднина на Пленковиќ, бидејќи се шпекулира дека по изборите тој ќе им ја препушти функцијата претседател на партијата, а можеби и премиерската на друг, а кариерата ќе ја продолжи во Брисел, на некоја важна функција во ЕУ.
Од другата страна на политичката клацкалка, слабата хрватска опозиција нема истакнат лидер, а првиот човек на СДП, некогаш силна лева партија, ужива популарност само кај 2 отсто од гласачите. Досега опозицијата не успеа да се обедини, што би било единствениот начин да добие некаква шанса, а нови лица во хрватската политика нема.
Единствената „нова“ партија, Можемо, која го води Загреб, се однесува како да е нелегална и спроведува внатрешни избори за кои јавноста дознава дури откако ќе се одржат. Некои политички аналитичари ги обвинуваат дека дејствуваат повеќе како секта отколку како модерна политичка партија, а десничарските партии се фокусирани на минатото и немаат програми за привлекување гласачи. И Србите ќе понудат нов лидер, бидејќи Милорад Пуповац е хрватскиот политичар со најдолг стаж, а очигледно е зрел за во пензија. Партиската надеж на СДСС, поранешниот министер Борис Милошевиќ, го чека судењето поради фаворизирање на конкурси и има мали шанси да се врати во политиката.
Сепак, најатрактивни се европските избори, кои носат бенефиции и пари во Брисел. Деновиве беше обелоденет податокот дека поранешна хрватска пратеничка во Европскиот парламент успеа да заштеди 700.000 евра, за кои ќе ѝ требаа 438 години работа во Хрватска. Местото во Европскиот парламент е вистински џокер за хрватските политичари и најголемиот предизвик е да се победи токму на европските избори.
Ангел Митревски