„Визер“ намалува 20 отсто од возниот парк
Технички проблеми ќе приземјат една петтина од флотата на „Визер“, што директно ќе се одрази на бројот на операции на аеродромите во поранешна Југославија, а тоа значи дека ќе бидат погодени и македонските аеродроми, пишува „Екс-ју авиејшн њуз“. Според порталот, тоа значи дека „Визер“ ќе продаде 1,4 милион авиобилети помалку од својот првичен план, на пазарите во поранешна Југославија оваа летна сезона. Ваквата мерка се презема бидејќи евтината авиокомпанија има 20 отсто од својата флота приземјена за проверка поради ретка аномалија пронајдена во металот во прав што се користи во производството на специфични компоненти на моторот.
Авиокомпанијата го намали бројот на летови во регионот во текот на летната сезона на летање, што започнува на 31 март и трае до 26 октомври, за 22,3 отсто според првичниот план, додека капацитетот е намален за 31,5 отсто. И двете категории се значително намалени во однос на минатогодишните операции, со 20,8 отсто помалку летови и 30,7 отсто помалку седишта, иако ова намалување го опфаќа и затворањето на базата на авиокомпанијата во Тузла, што се случи во септември минатата година.
Последици по македонскиот авиосообраќај
Скопје, како најголема база на „Визер“ во поранешна Југославија, ќе има намален вкупен капацитет за 25,3 отсто ова лето во споредба со неговиот првичен план. Авиокомпанијата, исто така, ќе ги намали своите операции во однос на минатото лето, со намалување на капацитетот за 15,7 отсто. Кратењата на „Визер“ резултираа со губење на позицијата на македонскиот пазар како втор најбрзо растечки во Европа оваа година. Кратењата се однесуваат на Охрид, кој изгуби 48,3 отсто од својот капацитет на „Визер“ минатата година.
Сите аеродроми во регионот ќе го почувствуваат намалувањето на летовите
Белград, исто така, ќе биде погоден од намалувањата на мрежата на „Визер“, при што авиокомпанијата ќе намали за 22,4 отсто од капацитетот во споредба со минатото лето и 35 отсто од она што буџетскиот превозник првично го планираше.
Ниш нема да биде поштеден, бидејќи капацитетот е намален за 46,7 отсто од првичниот распоред за ова лето и 50 отсто во однос на минатата година. Во Љубљана, нискобуџетната компанија намали за 35,5 отсто од планираниот капацитет на седиштата за лето и 15,7 отсто во однос на минатото лето.
Со намалувањето на „Визер“ во Приштина, авиокомпанијата се намали за 27,2 отсто од првично планираниот капацитет за ова лето и има намалување од 33,3 отсто во однос на минатата година.
Подгорица бележи помалку намалувања, со намален капацитет за 8,3 отсто на првично поднесениот распоред и 11,8 отсто на летото 2023 година.
Сараево не претрпе никакви намалувања на својата единствена релација со Лондон, меѓутоа Тузла забележува намалување од 17,9 отсто на првично планираниот распоред за ова лето и намалување од 78,9 отсто во однос на минатата година по затворањето на неговата база.
Бања Лука забележа намалување од 34,5 отсто на првичниот капацитет планиран за ова лето и намалување од 64,7 отсто во однос на минатата година.
Аеродромот во Дубровник предвидува „Визер“ да отстрани 86 отсто од планираниот летен капацитет за 2024 година и намалување од 82,9 отсто во однос на минатата година.
Сплит изгуби 49,2 отсто од првично планираните места за ова лето, како и намалување од 21,4 отсто во однос на минатото лето. E.Р.
Подготвил: Mарјан Велевски