Фото: ЕПА

Програмата „Хрватска е силна и важна“ зборува за силна Хрватска, која е повлијателна од кога било досега, а ќе се стреми да достигне 82 отсто од просекот на ЕУ

ХРВАТСКА ВО ОЧЕКУВАЊЕ НА ЕВРОПСКИТЕ ИЗБОРИ

Хрватската јавност во последно време со големо интересирање ја следи разврската околу изборните листи за Европскиот парламент. Ова е сосема разбирливо ако се знае дека не е сеедно како ќе се настапи во европската престолнина и какви ефекти може да има од тоа за Хрватска во иднина.
Оттаму, со големо интересирање беше проследена изјавата на претседателот на ХДЗ и носител на листата на изборите за Европскиот парламент, Андреј Пленковиќ, во четвртокот, дека програмата „Хрватска е силна и важна“ зборува за силна Хрватска, која е повлијателна од кога било досега, и дека ќе се стреми да достигне 82 отсто од просекот на ЕУ.
– Програмата „Хрватска силна и важна“ зборува за силна Хрватска, која ја капитализираше својата меѓународна позиција и е повлијателна од кога било досега – рече Андреј Пленковиќ на презентацијата на кандидатите и изборната програма пред Претседателството и Националниот одбор на ХДЗ.
Тој порача и дека во новите предизвици мора да бидеме вешти во користењето на нашата меѓународна позиција и сите можни политики на европско и национално ниво.
Тој го изрази своето задоволство што пред пет години „нашата земја ’ја влеа‘ демографската политика во портфолијата на Европската комисија (ЕК)“, посочувајќи дека демографијата во меѓувреме стана тема за која лидерите се натпреваруваат повеќе да зборуваат за овој проблем на состаноците на Европскиот совет. Тоа што се случува во Хрватска, рече тој, не е единствено само за нас, туку е проблем што постои низ земјите членки на ЕУ, особено кај земјите од Централна и од Источна Европа.


Доделен мандатот за формирање на Владата на Република Хрватска

Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, вчера му го додели мандатот за формирање влада на претседателот на партијата Хрватска демократска заедница (ХДЗ) и технички премиер, Андреј Пленковиќ. Пленковиќ претходно му ги предаде на претседателот Милановиќ потписите потребни за формирање влада во согласност со уставната процедура за доделување мандат.
– По поднесувањето на потписите на 78 избрани пратеници на 11-от состав на хрватскиот Сабор, ми беше доверен мандатот за формирање на хрватската влада.
И во третиот мандат продолжуваме да работиме за добросостојбата на Хрватска – напиша Пленковиќ за јавноста, на социјалните мрежи, бидејќи по кратката средба во кабинетот на претседателот Милановиќ немаше изјави за новинарите.
Пленковиќ ден пред средбата со Милановиќ соопшти дека ги има потребните 76 потписи на пратеници за формирање на третата влада, откако ХДЗ се договори за формирање парламентарно мнозинство со десничарското Татковинско движење.
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ ја свика првата седница на парламентот за четврток, 16 мај.


Споредба на приходите на европските пратеници со нивните колеги во хрватскиот парламент
Приходите на пратениците во хрватскиот парламент

Пратениците во хрватскиот парламент имаат релативно добри плати за хрватските стандарди, но многу помалку од европратениците. Посебен бонус за работа во парламентот на ЕУ во однос на работата во хрватскиот Сабор е правото на дополнителна пензија. Платите варираат од пратеник до пратеник, но тие се движат од 3.000 евра бруто до 4.768 евра бруто, колку што имал поранешниот претседател на Собранието, Горан Јандроковиќ.
Голема бенефиција што ја остваруваат народните претставници (често критикувано во јавноста) е правото на шест месеци целосна плата по истекот на мандатот со дополнителни шест месеци половина плата. Дури и оние што се помалку од една година, но повеќе од три месеци, имаат право на три месеци полна и три месеци половина плата откако ќе го напуштат. Постои т.н пратенички паушал за зголемени материјални трошоци при вршење на пратеничката должност во месечна сума од 10 дневници за службени патувања во Хрватска. Тоа се 200 евра месечно. Дневниот надоместок за службено патување во Хрватска е 20 евра, а претставниците имаат право и на надоместок за трошоците за приватен автомобил за службени потреби од 0,27 евра по поминат километар. Оние што живеат на повеќе од 50 километри од Загреб имаат право на 398 евра месечно за кирија за стан и комуналии. На оние што не користат стан во Загреб, а патуваат, под услов местото на живеење да им е на 50 километри од Загреб или повеќе, им се обесштетуваат трошоците за превоз во износ од 332 евра месечно.
Солидна плата и материјални права за хрватските услови, но не и сенка на платата и материјалните права на европретставниците.

Приходите на членовите на Владата

Членовите на Владата ги имаат сите бенефиции што ги имаат пратениците (паушал, дневници, платен стан и комуналии, превоз…), но нивните плати во просек се нешто повисоки. Мандатарот Андреј Пленковиќ, според објавениот имотен лист, има бруто-плата од 4.646 евра, во нето-износ од 3.263 евра. Доскорешните потпретседатели на хрватската влада имаа околу 4.400 евра бруто, а министрите меѓу 3.500 и 4.000 евра бруто.

Приходите на европратениците

Бруто-платата на пратеник во ЕУ е 10.075 евра месечно, односно околу 7.850 евра нето. Ова се финансира од буџетот на парламентот, односно од буџетот на ЕУ. Дополнително, секој претставник има право на 4.950 евра месечно за плаќање канцелариски трошоци во матичната земја, што се однесува на трошоците за кирија, опрема и вработените во таа канцеларија. За секој ден што претставник ќе го помине во Европскиот парламент му се исплаќаат по 350 евра дневница за сместување, храна и други трошоци. Овие други трошоци не го вклучуваат автомобилот, бидејќи е обезбедено бесплатно користење на службениот автомобил.
Патните трошоци се исто така значителни. Службените патни трошоци се покриваат до одредено ниво според поминати километри. За враќањето од Брисел до Загреб имаат право на надоместок на трошоците од 343 евра. Трошоците за патарини, багаж и резервации, исто така, ги плаќа одделно ЕУ. Дури и неофицијалните патувања се плаќаат до 4.886 евра годишно. На крајот на мандатот тие имаат право на т.н „преоден надоместок“, кој е еднаков на една месечна плата годишно во која биле на функција најмногу две години. Моментално е максимум 20.150 евра.
По влегувањето во ЕУ-парламентот, пратениците повеќе не треба да се грижат ниту за пензиите, бидејќи имаат право на дополнителна пензија (покрај стандардната, која веќе ја заработиле во својата земја) во висина од 3,5 отсто од нивната плата за секоја цела година на функција и една дванаесеттина за секој нареден цел месец, но не повеќе од 70 проценти вкупно. Според сегашните плати, тоа изнесува околу 1.760 евра дополнителна пензија, но откако ќе наполнат 63 години.

Подготви: Ангел Митревски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Хрватска