Со две средби денеска во Бугарија почнува работа контакт групата предводена од Росен Плевнелиев и Соломон Паси со цел е да бараат допирни точки меѓу силите застапени во Парламентот и можно владејачко мнозинство за приоритетните прашања за државата и да се формира влада.
Контакт групата за денеска ги покани на разговор претставници на ГЕРБ-СДС и на политичката партија „Бугарски подем“.
Писмено ги одбија од „Продолжуваме со промената“ и од „БСП за Бугарија“.
– Нашата мисија би ја дефинирал како нешто помеѓу „невозможна мисија“ и „умри машки“ – изјави Паси на новинарите пред состанокот на контакт групата во Националното собрание на Бугарија. Тој и претседателот (2012-2017) Росен Плевнелиев денеска почнуваат разговори со пратеничките формации во обид да најдат заеднички јазик меѓу политичките сили во 48. Собрание.
Идејата за контакт групата е на лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов.
Плевнелиев посочи дека целта е да се бара решение засновано на националните приоритети, кое ќе биде ставено во дневниот ред на Парламентот.
– Ситуацијата во Бугарија и регионот денеска ја оценуваме како исклучително критична и ризична, потребни ни се работни институции и решенија, смета тој. Јас и Паси ја презедовме тешката задача да ги натераме политичките партии да излезат од рововите, да разговараат меѓу себе и заедно да побараат договор – истакна Плевнелиев.
– Тоа не значи дека зборуваме за создавање на каква било коалиција, напротив – на најпрагматичен начин, еден по еден, ќе поминеме низ многу долга листа на приоритети кои се итни. Немаме его, тргнуваме од размислувањата дека треба да се работи за институциите кои работат – нагласи тој.
Приоритетите се поврзани со интеграцијата во Шенген, превооружувањето на бугарската армија, со Планот за закрепнување и одржливост, борбата против корупцијата.
– Ќе ги прашаме сите партии дали се подготвени да бараат решение врз основа на овие приоритети и дали се, дали се подготвени да преземат одговорност за формирање влада со кој било мандат – објасни Росен Плевнелиев.
Подоцна денеска ќе се одржи средбата со „Бугарски подем“.
В понеделник има средба со ДПС, се очекува реакцијата на „Демократска Бугарија“.