Бугарскиот Парламент денеска го отфрли предлогот за формирање нова влада, предложен од централнодесничарската партија ГЕРБ, што најверојатно ќе ја доближи земјата до нови избори, седми по ред во изминатите три години.
Партијата ГЕРБ, која го освои првото место на изборите во јуни, има 68 пратеници во Националното собрание од вкупно 240 места.
ГЕРБ предложи Росен Желјазков, актуелниот претседател на Парламентот, да ја води новата влада наместо нејзиниот лидер Бојко Борисов, кој претходно водеше три влади меѓу 2009 и 2021 година, кога неговиот трет кабинет поднесе оставка по масовните антикорупциски протести.
Иако Борисов се обиде да најде коалициски партнери во други помали партии, тој не успеа да обезбеди доволна поддршка.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев следниот мандат за формирање влада ќе го предаде на партијата Движење за права и слободи (ДПС), која според освоените гласови на изборите е на второ место.
Аналитичарите прогнозираат дека по неуспехот на првото гласање ќе биде тешко да се формира одржлива коалиција во овој Парламент и дека најверојатната опција е одржување нови избори, кои само ќе ја продлабочат политичката криза во најсиромашната земја-членка на Европска Унија.
Гледаме дека политичката криза продолжува. За нејзино решавање не е потребно само ставање настрана личните и партиските интереси. Тоа бара и адекватност. Она што го видовме денеска е дека личните напади доминираа над политичките тези, а фокусот беше повеќе на минатото отколку на сегашноста, истакна Радев откако пратениците ја одбија кандидатурата на Желјазков за премиер со мандатот доделен на ГЕРБ-СДС.