Постојат основани сомненија дека двете невладини организации организирале специјализирана обука за доброволци

Софиското обвинителство ѝ нареди на тамошната контраразузнавачка служба да започне истрага за основано осомничена активност од група на лица, која, според сомневањата на надлежните истражители, била „паравоена организација што дејствувала од проруски позиции“. Според одредени индикатори, во текот на предистражните постапки било констатирано дека група лица, здружени во две НВО, нудат специјализирана обука за доброволци од страна на руски поранешни инструктори за специјални операции. Лицата практикувале и реторика со која се поттикнуваат „бунт против владата и шири расистички и антисемитски теории на заговор“…

Софија почна истрага против две невладини организации што дејствувале од проруски позиции

„БНО Шипка“ и „БНД Шипка“, две невладини организации регистрирани во Бугарија, се во центарот на вниманието на властите поради нивните врски со таканаречениот воен сојуз Левски и стануваат поактивни во Бугарија по руската анексија на Крим во 2014 година.
– Ние ги штитиме интересите на нашите европски и евроатлантски партнери. Не можеме да дозволиме злонамерно руско влијание во Бугарија – изјави главниот обвинител Иван Гешев, а неговиот кабинет вети дека повеќе информации ќе бидат дадени по завршувањето на истрагата.
Постојат основани сомненија дека двете гореспоменати групи нудат специјализирана обука за доброволци од страна на руски поранешни инструктори за специјални операции, но истовремено промовираат анти-ЕУ и антинатовска пропаганда. Тие практикувале и реторика со која се поттикнуваат „бунт против нелегитимната влада, забрана на политичките партии и широки расистички и антисемитски теории на заговор“, според истражувањето на меѓународната истражувачка мрежа „Белингкет“.
Покрај тоа што отворено ја објавија својата намера да го променат уставниот поредок на земјата, тие организираа и лов на сириски имигранти на планината Странџа за време на првата бегалска криза и активно ширеа лажни вести за време на пандемијата.
Истражувачите на „Белингкет“ се повикуваат на извор од бугарското разузнавање, кој сакал да остане анонимен, според кој во 2016 година, со зголемената видливост на „Шипка“, имало зголемување на бројот на доброволци, главно млади мажи од крајбрежните градови Варна и Бургас, кои сакале да „патролираат“ на бугарско-турската граница.

– Цинично или не, за нас немаше проблем овие момчиња да шетаат по границата, бидејќи делумно извршуваа дел од работата на официјалната гранична полиција. И ако сакаа да се претставуваат како „ловци на мигранти“ – уште подобро. Тогаш, тоа беше нашата главна линија на размислување – наведува истиот извор.
Мислењата на бугарските безбедносни служби за „БНО Шипка“ набргу претрпеа промени. На крајот на 2018 година почнаа повнимателно да ја испитуваат „Шипка“. Причина за тоа беа информациите за испораките на оружје што минуваат низ пристаништето Варна, кои, преку посредници, наводно завршуваат кај „граничните патроли“ и веројатно се користат за обука и вежби во „Колибата Свежен“ и планината Странџа.
Лице со псевдонимот Поручник Валтер Калашников тврди дека е водач на организациите. Неговото вистинско име е Дончо Русев и, според информациите достапни во јавноста, роден е во 1959 година, во бургаското село Булгарово, завршил водничка школа во Шумен, а до 1981 година служел како наредник во тенковскиот дел во Ајтос.
Русев во 1996 година се појави како сопственик на безбедносната компанија „Валтер Катани“, која се фали дека во Бугарија „свикала“ состанок на лидерите на глобалниот безбедносен труст со учество на поранешни офицери од Мосад, КГБ и ЦИА, објавија бугарските медиуми.
Русев има и неколку други деловни потфати, како што се весник, секс-шоп, инвестициски совети и криптовалути, од кои повеќето пропаднаа. Тој е поврзан и со страницата на Фејсбук наречена „Бугарија и Русија – една историја, еден јазик, една вера, еден народ“, која ја користи проруската популистичка партија Вазраждане за дистрибуција на пораки и реклами во кампањата.
Обвинителството сега тврди дека добило дојава од граѓанин, и покрај тоа што Бугарскиот хелсиншки комитет (БХК) му доставил на државното обвинителство во 2016 година јавно достапни податоци што укажуваат на активностите на групите насочени против републиката и докази за создавање тајни или паравоени структури.
„БНО Шипка“ и синдикатот „Васил Левски“ беа цитирани и во барањето за разрешување на Гешев што го поднесе тогашната министерка за правда Надежда Јорданова, во март 2022 година.
Гешев во петокот рече дека акциите на „БНО Шипка“ се загрижувачки за бугарската национална безбедност и интересите на европското семејство.


Што е „Белингкет“?

„Белингкет“ е независен меѓународен колектив на истражувачи, истражувачки и граѓански новинари што користат отворен код и истрага на социјалните медиуми за истрага на различни теми – од мексикански наркобосови и злосторства против човештвото до следење на употребата на хемиско оружје и конфликти низ светот. Со персонал и соработници во повеќе од 20 земји низ светот, тие работат на уникатно поле, каде што се спојуваат напредната технологија, форензичкото истражување, новинарството, истрагите, транспарентноста и одговорноста. Седиштето им е во Амстердам, Холандија.