Подготвил: Митко Јовановски
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, размислува дали воопшто има поента да оди во Брисел следните денови, каде што треба да се одлучува дали Србија ќе отвори нови поглавја во преговорите со ЕУ, откако тоа е директно условено со признавање на Косово.
И Македонија чека добри вести од Брисел, па затоа Вучиќ рече дека ќе се слушне со колегите од „Отворен Балкан“.
Сакам да се консултирам со Владата, но и со луѓето од „Отворен Балкан“, па ќе донесам одлука дали ќе одиме во Брисел и каков став ќе заземеме – изјави денеска Вучиќ.
Министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, се надева дека на самитот на Европската Унија ќе има јасно упатен сигнал не само во правец кон истокот туку и кон југоистокот на Европа.
Украина не е во конкуренција со државите од Западен Балкан. Се работи за веродостојноста на ЕУ, според Шаленберг, во постигнувањето напредок и за државите од Југоисточна Европа што добија ветување од Унијата во Солун, пред 19 години.
– Имам чувство дека го губиме Балканот – појасни министерот.
Грчките безбедносни сили прогонуваат, ограбуваат, тепаат, па дури и убиваат бегалци, тврди турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Ердоган се обрати преку видеопорака на Глобалната парламентарна конференција за миграции, чиј домаќин е Големото национално собрание на Турција, заедно со Интерпарламентарната унија во Истанбул.
Според Ердоган, оние што прифатиле неколку стотици бегалци, ги користат како рекламен материјал, не преземаат никаква одговорност пред сè поголемата хуманитарна криза.