Приклучување на целиот Балкан во Европската унија е единствениот начин да се спречи негова поделба, изјави денеска словенечкиот претседател Борут Пахор. Тој ова го изјавил на форумот „2BS“, на панел со црногорскиот претседател Црна Гора, јави црногорскиот весник „Побједа“.
-Мирот и стабилноста на Балканот се кревки. Тоа се обидовме да и го објасниме и на ЕУ. Во 2016 година, за време на разговорите во Сараево, рековме дека проширувањето не е технички проблем, туку геополитички и треба да бидеме пофлексибилни во Брисел – рекол Пахор на форумот.
Тој се надева дека Брисел ќе биде подготвен да преземе чекори, и дека ако дојде до проширување, сите балкански земји ќе се приклучат речиси во ист период.
-За проширување со Балканот, потребна ли е војна? Мислам дека е одговорност на сите нас во регионот да направиме се за да обезбедиме Балканот да влезе во ЕУ како стабилен регион. Мислам дека една од последиците на војната во Украина ќе биде нова поделба во Европа која исчезна со падот на Берлинскиот ѕид. Еден начин да се спречи поделбата на Балканот е целиот Балкан да влезе во ЕУ. Тоа во голема мера зависи како Вучиќ и Србија ќе ја регулираат стратешката ситуација во која се наоѓа – рекол Пахор.
Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, смета дека карактеристика на регионот во целина е тоа што имаме конфронтација меѓу две гледишта за иднината.
-Едниот е ентузијазмот кој ги поттикна сите општествени структури на реформи кои требаше да доведат до усвојување стандарди. Наспроти таа политика, постои силен фронт на противници на оние кои се за статус кво и кои мислат дека ЕУ е гнила организација и дека е подобро Балканот да се смести под капата на Русија – рекол Ѓукановиќ, а пренесе „Побједа“.