Министерот за внатрешна и надворешна трговија на Србија, Томислав Момировиќ, денеска поднесе оставка поради трагедијата на Железничката станица во Нови Сад, а од истите причини оставка поднесе и директорката на железничката инфраструктура на Србија, Јелена Танасковиќ.
-Ве известувам дека поднесувам оставка од функцијата министер за внатрешна и надворешна трговија. Благодарен сум на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ за довербата и наградата. За него и за Србија секогаш сум таму – навел Момировиќ во писмената оставка која му ја достави на премиерот на Србија, Милош Вучевиќ – пренесува Танјуг.
Момировиќ беше министер за внатрешна и надворешна политика од 26 октомври 2022 година, а како министер за градежништво, транспорт и инфраструктура од 28 октомври 2020 до 26 октомври 2022 година.
Танасковиќ од мај годинава беше в.д директор на Железничката инфраструктура на Србија, а во претходната влада на Србија беше министерка за земјоделство.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во вторник изјави дека поради трагедијата во Нови Сад очекува во Владата и на други места оставки и мерки од обвинителството што е можно поскоро – пренесе „Анадолија“.
Во Нови Сад на 1 ноември се урна настрешницата на Железничката станица при што загинаа 15 лица, додека двајца тешко повредени се уште се борат за живот во Универзитетскиот клинички центар во Војводина.
Претходно оставка поднесе и Горан Весиќ, министерот за градежништво во оваа Влада.
Но, 20 дена по несреќата на железничката станица во Нови Сад, нема резултати од истрагата на надлежното Обвинителство.
Затоа опозицијата и денеска го блокираше влезот во оваа институција барајќи кривично гонење на сите одговорни за смртта на 15 лица.