Оставањето на Бугарија надвор од Шенген не е во интерес на Европската унија и не придонесува за заедничките напори за справување со безбедносните предизвици и тешката економска криза во Европа, изјави денеска бугарскиот претседател, Румен Радев, во телефонски разговор со холандскиот премиер, Марк Руте, соопштија од прес-службата на претседателската администрација.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, во текот на разговорот Радев потсети дека Европската комисија повеќепати ја потврди подготвеноста на Бугарија да се приклучи на Шенген и Софија очекува поддршка од сите свои партнери во ЕУ.
-Бугарија очекува институциите на ЕУ и земјите-членки да се водат според утврдените критериуми за членство во Шенген, а не од други размислувања – изјави бугарскиот претседател.
Радев му нагласил на Руте дека поврзувањето е од клучно значење во услови на криза и прекинати или сериозно попречени синџири на снабдување, затоа олеснувањето на комуникацијата меѓу земјите-членки на Европската унија во Југоисточна Европа преку проширување на Шенген зоната треба да биде приоритет.
Како што потсетува дописникот на МИА од Софија, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пред една недела ја изрази својата поддршка за влез на Бугарија во Шенген зоната.
Одлуката за влез на Бугарија, Романија и Хрватска во Шенген треба да ја донесе Советот на ЕУ на 8 декември.