Хрватска

Владината интервенција со која се фиксираат цените се однесува на 94 проценти од бензинските пумпи лоцирани во населените места, додека за оние покрај автопатиштата се повисоки. Оваа мерка ќе трае две недели

Подготвил: Митко Јовановски

Хрватската влада донела одлука за нови мерки што се однесуваат на фиксирање на висината на цените на горивата на сите бензински пумпи, освен на оние што се на автопат. Од денеска цената на литар дизел се „ограничува“ на 13,08 куни (едно евро се менува за околу 7,5 куни), а бензинот на 13,50 куни. Синиот дизел ќе се продава по цена од 9,45 куни за литар. На автопатиштата цените на горивата ќе бидат повисоки, па, така, литар дизел е 13,57 куни, а еуросупер 95 – 14,06 куни.

Владината интервенција со која се фиксираат цените се однесува на 94 проценти од бензинските пумпи. Оваа мерка ќе трае две недели.
– Одлучивме повторно да интервенираме. Ги фиксираме, односно ограничуваме сегашните цени на сите бензински пумпи, освен на тие што се наоѓаат на автопат. Таму ќе има раст на цената – изјави вчера премиерот Андреј Пленковиќ.
Како што појасни тој, со вака донесената мерка се заштитуваат граѓаните и државата, односно се прави баланс со цените на бензинските пумпи на автопатиштата, особено во екот на туристичката сезона.

Хрватскиот премиер изрази задоволство од бројот на туристите на почетокот на летната сезона, што е зголемување од 150 отсто во споредба со минатата година. Моментално, Хрватска остварила 94 отсто од ноќевањата остварени во рекордната 2019 година, а доколку овој тренд продолжи, се очекува подобра туристичка сезона од пред три години.

За цената на бензините во Хрватска, Пленковиќ објасни дека е донесена недискриминаторска одлука, за разлика од Унгарија, која донела различни цени за горивата за граѓаните со домашни и со странски регистарски таблички на автомобилите.
– Оваа политика е противуставна и не може да помине. Овој унгарски механизам ќе падне пред Европскиот суд – изјави Пленковиќ.
Министерот за финансии Здравко Мариќ вели дека државата го заштитила животниот стандард на граѓаните со намалување на стапката на ДДВ во малопродажбата на храна, а тоа е најниската граница, затоа што стапката на овој данок не може да биде под пет отсто.