Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ очекува граѓаните и економијата да имаат корист од влегувањето во европската монетарна унија
Хрватска цврсто на патот за влез во еврозоната
Хрватска од први јануари 2023 година ќе го воведе еврото како платежна единица, а куната, сегашната национална валута, ќе замине во историјата. Владата на Хрватска ги подготви насоките за приспособувањето на економијата во замената на хрватската платежна единица. Основните начела на воведувањето на еврото се заштита на потрошувачите, забрана за неоправданото зголемување на цените, непрекината примена на правните инструменти, ефикасноста и економичноста во процесот на преминување кон еврото.
Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, очекува граѓаните и економијата да имаат корист од влегувањето во европската монетарна унија.
– Хрватска и досега имаше најевроизирано стопанство надвор од еврозоната. Депозитите во банките во евра изнесуваа до 76 отсто од вкупните штедни и орочени влогови. Околу 47 отсто од кредитите што се земани во куни се со валутна клаузула во евра. Околу 53 отсто од извозот на стоки и 59 отсто од увозот се однесува со земјите што го вовеле еврото – изјави Пленковиќ.
Од петти септември годинава, трговските претпријатија ќе треба да ги искажуваат цените на производите и услугите во куни и во евра. Како што информира Здравко Мариќ, министерот за финансии, оваа обврска ќе трае 12 месеци од денот на воведување на еврото. Постојат исклучоци за некои случаи, кога двојното искажување на цените не е практично или ќе предизвика несразмерни трошоци за деловните субјекти.
Хрватската монетарна власт ги утврди и правилата за замена на готовите пари во куни за готовина во евра. Оваа замена ќе се прави во банките и претставништвата на ФИНА и „Хрватска пошта“, во период од 12 месеци од воведувањето на еврото. Граѓаните ќе можат да ги заменат куните без плаќање надомест. По овој период, замената ќе се врши само во Хрватската народна банка, а за замената на банкнотите не е утврден краен рок, додека за монетите рокот за замена е три месеци од воведувањето на еврото.
– Хрватска цврсто стои на патот во еврозоната. Во услови на криза се покажува важноста од членувањето во еврозоната, односно во примената на монетарната политика на земјите од еврозоната и тоа на Хрватска ќе ѝ овозможи да има помали економски последици – вели Борси Вујичиќ, гувернер на ХНБ.
Еврото е заедничка валута во 19 земји-членки на Европската Унија и е еден од главните симболи на европската интеграција. Хрватска, како и сите земји во ЕУ, е обврзана да го воведе еврото како службена валута во еден момент. Со пристапување во Европската Унија, Хрватска, по исполнувањето на условите, мора да го воведе и еврото.
Европската економска и монетарна унија (ЕМУ) со еврото како заедничка валута се остварува во три фази. Првата е слободното движење на капиталот внатре во Унијата и зголемена координација во фискалната политика. Во втората фаза се предвидува основање европски монетарен институт, која стана Европска централна банка. Воведувањето на еврото како пресметковна единица во 1999 година е почеток на третата фаза, завршна фаза за воспоставување на ЕМУ.