Славниот пронаоѓач Никола Тесла се најде во центарот на исклучително жестока дебата меѓу соседите Хрватска и Србија уште од најавите на народната хрватска банка во јули 2021 година дека неговиот лик ќе ги краси новите монети од 50, 20 и 10 центи
Новите евромонети од 50, 20 и 10 центи во центарот на жестока дебата за културно-историско наследство
Додека хрватските граѓани се подготвуваат да го прифатат еврото на 1 јануари 2023 година, почнуваат да летаат искри околу една историска личност, речиси осум децении по неговата смрт. Славниот пронаоѓач Никола Тесла се најде во центарот на жестоката дебата меѓу Хрватска и нејзиниот сосед Србија уште од најавите на народната хрватска банка во јули 2021 година дека неговиот лик ќе ги краси новите монети од 50, 20 и 10 центи.
Причината за актуелните расправии, особено меѓу етноцентристите од двете држави, лежи во несогласувањата околу неговата етничка припадност. Додека Хрватите сметаат дека на Тесла треба да се гледа како на Хрват, бидејќи е роден во Смилјан – мало село во денешна Хрватска – Србите си го сметаат за свој поради неговите српски корени и православната вера. Во оваа силна вербална војна и лидерите на двете држави се „напаѓаат“ со остри и невообичаени аргументи.
Накратко за Тесла
Роден во 1856 година, Тесла го напушта своето село, кое наскоро било интегрирано во рамките на Австроунгарската Империја, за да студира математика и физика на Техничкиот универзитет во Грац и филозофија на Универзитетот во Прага. Влегувајќи во костец со своите студии, и покрај фактот што бил ретко надарен научник, тој поминува извесно време во Будимпешта и во Париз, успевајќи да добие хонорарна работа во компанијата „Континентал Едисон“, која била во сопственост на еден друг познат пронаоѓач и негов современик, Томас Едисон.
Во 1883 година, компанијата на Едисон го испраќа Тесла во Стразбур, каде што тој го креира својот изум – индукцискиот мотор на наизменична струја, кој бил само првиот меѓу многубројните револуционерни светски пронајдоци, користени за секакви намени, почнувајќи од разни апарати за домаќинство, преку лифтови, па сè до транспортери и кранови.
Само една година подоцна, Тесла пристигнува на Стејтен Ајленд во Њујорк, како еден од илјадниците европски имигранти во потрага по американскиот сон. Првата голема шанса за напредок, Тесла ја добива од друг познат пронаоѓач и индустријалец, Џорџ Вестингхаус, кој ги купува патентите за неговите изуми – уредите на наизменична струја. Откако светот се сврти кон електричната енергија, двата табора – системот за директна струја на Едисон и системот за алтернативна струја Вестингхаус – Тесла – почнуваат да водат меѓусебна борба за престиж на пазарот. Во тоа време, Тесла беше веќе познат по својата интелектуална и иновативна маестралност, користејќи го често и сопственото тело како алатка во демонстрациите, со тоа што дозволуваше струјата да помине низ неговото тело и да ги вклучи светилките што ги држеше во рацете, со намера да докаже дека тоа функционира.
Другите пронајдоци, како струјниот трансформатор и експериментите со оптичката направа доведоа до изуми како радио и ТВ-приемниците, како и рендгенските уреди. На преминот во новиот век, веќе постоеше првата хидроцентрала на Нијагарините Водопади, која го носеше неговото име, ги користеше неговите патенти и успешно покажа дека и самата Земја може да се употреби како спроводник, славно вклучувајќи илјадници светилки на далечина. Безжичните полначи и рутери за интернет произлегоа од овој изум на Тесла. Кога тој објави дека го пронашол првиот брод со далечинско управување, повеќето научници беа скептични. Во суштина, овој брод беше првиот успешно управуван дрон во историјата.
Татковините на Тесла
Во земјата на неговото потекло, откако по поразот на силите на Оската беше формирана Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Никола Тесла беше почитуван како најголем национален гениј.
Всушност, уште во 1970 година, неговиот лик се појави на југословенската банкнота од 500 динари – најголемиот апоен во тогашно време. Меѓутоа, распадот на Југославија, во која етничките Срби во Хрватска се побунија против изгласувањето на нејзината независност во 1991 година, предизвикувајќи крвава војна меѓу овие две земји, која заврши со масовен егзодус на Србите во 1995 година, не го поштеди ни одамна мртвиот Тесла. Непознати напаѓачи, за кои се верува дека биле членови на хрватските паравоени единици, целосно ја беа уништиле куќата во која тој е роден, заедно со споменикот подигнат во негова чест, додека неговиот роден Смилјан стана едно од најголемите воени жаришта во Хрватска. Во еден момент, хрватските власти видоа шанса да го прогласат глобално славниот пронаоѓач како позната историска личност со хрватско потекло. Така, во 2006 година Владата во Загреб ја обнови неговата куќа во Смилјан, а неговиот споменик – дело на истакнатиот скулптор Иван Мештровиќ од 1956 година – беше преселен во строгиот центар на хрватската престолнина, во чест на 150-годишнината од раѓањето на пронаоѓачот.
И во Смилјан и во српскиот главен град Белград има музеи посветени на Никола Тесла и неговото дело, при што во вториот, кој го носи неговото име, стои изложена и тркалезната урна со неговата пепел – неговото последно почивалиште.
Хрват, Србин или гениј што му припаѓа на целото човештво
Изненадувачки, и покрај тоа што неодамнешната кавга поттикната од контроверзната евромонета на Хрватска покажа дека и двете страни си го прогласуваат Тесла за свој, лидерите на Србија и на Хрватска, по повеќе од три децении напнати билатерални односи, сепак направија одредени отстапки и покажаа позитивен став. На пример, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ реагираше на острото соопштение од страна на Српската народна банка, која хрватската одлука за монета со ликот на Тесла ја нарече „кражба на српското културно и историско наследство“, изјавувајќи дека кога тој би бил на чело на банката, би рекол „браво“ за ваквиот хрватски потег.
Факт е дека Пленковиќ јавно појасни дека Тесла бил етнички Србин и, според него, ставањето на неговиот лик на нешто што претставува евромонета би требало да биде сметано за позитивна работа. Конечно, нагласи тој, граѓаните на Хрватска биле тие што одлучиле кој ќе биде претставен на монетите.
За возврат, во своето интервју за телевизијата Пинк во јули 2021 година, српскиот претседател Вучиќ нагласи дека Тесла е „Американец со српско потекло, од татко Србин и мајка Србинка“. Но, како и неговиот хрватски колега, и тој не заборави да каже дека Тесла е „гениј што му припаѓа на целото човештво“ и дека нема проблем со фактот тој да ѝ припаѓа и на Хрватска.
Понатаму, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ напиша објава на Фејсбук, во која вели дека постои решение: веднаш штом ќе влезе во Европската Унија и Србија ќе може да го стави ликот на Тесла на своите монети евра.
Тесла никогаш експлицитно не застанал на страната на ниту една од овие две етнички групации, а себеси се сметал првенствено за Југословен
Игор Штикс, писател од Сараево и од Загреб, кој работи како универзитетски професор во Белград и во Љубљана, вели дека луѓето во минатото имале многу сложена замисла во врска со тоа кои се и каков е нивниот етнички, верски, регионален или политички идентитет.
– Но историските настани од тогаш до денес и подемот на национализмот во поранешна Југославија наложија секој да биде истражуван и „скениран“ низ призмата на својата етничка припадност. Па така, сега кутриот Никола Тесла стана жртва на оваа етноцентрична логика на поделби, фрагментации и сопственост – вели Штикс.
Сепак, одлуката на Хрватска може да претставува и мал чекор напред кон признавањето на етничкото српско малцинство како конститутивен елемент на нејзиното општество доколку реално се гледа на работите, нагласува Штикс.
– Доколку Загреб инсистира само на тоа дека Тесла е роден во Хрватска, занемарувајќи ги неговото српско потекло и православна вероисповед (на неговите родители), тогаш очигледно сака да ја преработи својата сопствена историја според правилата на етничкиот наратив. Во меѓувреме, српската реакција е на линија на инсистирањето на Белград за заштита на сопствените интереси според неговите етноцентрични наративи – додава Штикс.
Иако Тесла никогаш експлицитно не застанал на страната на ниту една од овие две етнички групации, телеграмата што во 1936 година ја испратил до потпретседателот на Владата на Кралството Југославија, Влатко Мачек, претставува јасен показател за размислувањата што научникот ги имал во однос на своите корени во подоцнежните години од животот. Во телеграмата Тесла напишал: „Се гордеам со своето српско потекло и мојата хрватска татковина. Да живеат Југословените“. Во едно друго писмо од 1942 година, Тесла вели дека „како најстар Србин и Југословен“ во САД, ги повикува своите сонародници да одговорат на апелот на претседателот Френклин Делано Рузвелт и да се приклучат кон борбата против нацистичка Германија и нејзините сојузници.
Штикс нагласува дека ова значи дека тој себеси се сметал првенствено за Југословен, односно како некој што ги обединува сиве овие различни народи во сиве овие различни региони. Доколку современа Србија и современа Хрватска го прифатат она што тој го кажал, тогаш тие заедно ќе работат, благодарение на ликот на Никола Тесла и благодарение на неговата порака, за една подобра иднина, која ќе понуди мир, соработка и просперитет за овие балкански народи, завршува Штикс.