Некои експерти толкуваат дека европските лидери во Гранада „си купија време“ за решавање на прашањето за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан (ЗП) и дека со умисла демонстрирале внатрешни непремостливи европски разлики, за лидерите на Западен Балкан непосредно да добијат увид дека „проширувањето не е толку лесен процес“ и дека треба и време и исполнување критериуми, а и политичка волја на ЕУ-членките, која по сѐ изгледа е најрастеглива варијабла!
Самитот на педесетина европски лидери во Гранада заврши без каква било одлука
Европските лидери на самит во Гранада „пропуштија“ можност да постигнат единство околу главното прашање за кое се заинтересирани земјите од Западен Балкан, а тоа е побрзо проширување на Европската Унија. Има толкувања и дека европските лидери „добија на време“ за решавање на ова прашање и дека со умисла демонстрирале разлики за лидерите на Западен Балкан непосредно да добијат увид дека „проширувањето не е толку лесен процес“ и дека треба и време и исполнување критериуми, а и политичка волја на ЕУ-членките, која изгледа е најменлива варијабла!
Премногу разлики, премалку совпаѓања на ставовите
На состанокот во шпанскиот град беа изнесени и разликите на земјите од Унијата, во однос на безбедносните теми, како што се мигрантската криза и воените судири во Украина, како и надминување на тензиите меѓу Ерменија и Азербејџан или Србија и Косово, кои се и главните поенти од новинарските извештаи од вчерашниот состанок на европските лидери.
– Европската Унија мора да се подготви за проширување, а земјите-кандидатки мора да ги исполнат критериумите – беше изјавата претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во петокот во Гранада, во пресрет на почетокот на неформалниот самит на ЕУ на кој ќе биде отворена дискусијата за новата европска стратегијата.
Европската политичка заедница (ЕПЗ) и Западен Балкан (ЗБ)
Во процесот на евроинтеграции не треба да се занимаваме со датуми, туку со конкретна работа, за што порано да ја направиме Албанија земја со стандарди на Европската Унија, изјавил албанскиот премиер Еди Рама, од Гранада, Шпанија, каде што учествуваше во работата на третиот самит на Европската политичка заедница.
– Не се занимавам со датуми, со декември, ноември или јуни. Она што е важно е дека Албанија го отвори патот за преговори, интензивно работи секој ден со Брисел, имаме постојано доаѓање и заминување на сите наши групи преговарачи, така што ние сме на нашиот пат. Прашањето за членство во ЕУ е двострано прашање. Од една страна тука се домашните задачи што треба да ги направиме за себе, од друга страна е одлучувањето на ЕК, што е суверено одлучување поврзано со политички аспекти. Не треба да се занимаваме со датуми, декември и јануари, туку треба да се занимаваме со конкретна работа за што побрзо Албанија да стане земја со стандарди на ЕУ, земја-членка на ЕУ. Тогаш за да се потврди ова ќе биде потребно време и е помалку важно за нас, бидејќи најважно е да ја завршиме задачата – посочува Рама.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој е на самитот на светските лидери во Гранада, го коментираше барањето на косовската претседателка Вјоса Османи за воведување санкции кон Србија.
– Има многу разлики меѓу нас. Една од нив е дека никогаш не сум побарал санкции против никого. Верувам дека не е фер, не е политички мудро, особено да не се уценува ЕУ да прави нешто што сакате, и тоа против некого, а не во ваша корист – истакна тој за порталот „Јуроњуз“.
Косовската претседателка Вјоса Османи, која исто како и Вучиќ е во Гранада, ја повика Шпанија да донесе мерки против Србија и порача дека нема причина да разговара со српскиот претседател додека не се воведат санкции кон Србија.
Подготвил: Митко Јовановски