Во Кисељак, Босна и Херцеговина, експерти од повеќе балкански држави расправаа на актуелни теми од областа на безбедноста. Меѓу нив, забележително учество имаа претставниците од Македонија. Проф. д-р Атанас Козарев одржа предавање на темата „Детективската дејност и нејзиното значење за криминалистичките истраги во борбата против корпоративниот криминал“, додека доц. д-р Серјожа Марков говореше на темата „Енергетската криза и енергетската регулатива во контекст на енергетското право“
Прва меѓународна летна школа: Анализа и управување со оперативни ризици на работењето
Во понеделникот во Кисељак, Босна и Херцеговина, свечено беше отворена меѓународната летна школа „Анализа и управување со оперативни ризици на работењето“, во која забележително учество имаа и предавачи од Македонија.
На отворањето на школата, во просториите на Високата школа „ЦЕПС-центар за деловни студии“, говор одржа директорот на Високата школа, д-р Мирзо Селимиќ. Потоа пред присутните се обратија: претседателот на Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје, проф. д-р Атанас Козарев; продеканот за настава на факултетот „Велика Горица“, доц. д-р Иван Наѓ; продеканката за меѓународна соработка на Факултетот за менаџмент на Универзитетот во Прешево, Ева Бенкова; директорката на поликлиниката од Кисељак, д-р спец. Зухањ Гаваз-Рама; директорот на Високата школа „Логос центар“ од Мостар, проф. д-р Тарик Хумачкиќ; ректорот на паневропскиот универзитет „Аперион“ од Бања Лука и началник на општината Кисељак, Младен Мишуриќ Рамљак.
Во работниот дел од програмата, забележително учество имаа предавачите од Македонија. Најпрво, проф. д-р Атанас Козарев одржа предавање на темата „Детективската дејност и нејзиното значење за криминалистичките истраги во борбата против корпоративниот криминал“, додека доц. д-р Серјожа Марков говореше на темата „Енергетската криза и енергетската регулатива во контекст на енергетското право“.
– Оваа меѓународна летна школа се одржува во еден сензибилен општествен, економски и безбедносен период. Современите ризици и закани, а во тој контекст и безбедносните, поврзани со украинско-руската воена реалност, без сомнение имаат клучно влијание врз деловниот свет и опкружување. Нивните последици дополнително ги усложнуваат деловниот амбиент и остварувањето на стратегиските деловни политики. Во однос на потребата за современ и системски пристап, како најделотворен одговор на оперативните ризици и закани се смета фокусирањето кон високотехнолошки безбедносни решенија. Овој пристап е важен поради неговите иновативни технологии и напредни карактеристики, кои се неколку чекори пред класичните – нагласи проф. д-р Козарев.
Според директорот на ЦЕПС, д-р Мирзо Селимиќ, низ оваа летна школа ќе се слушнат искуствата на соседите.
– Програмата за меѓународната летна школа за анализа и управување со оперативни ризици во работењето е исклучителна можност за посетителите да стекнат нови знаења и вештини, односно да разменат искуства. Целта е преку предавањата, стручната расправа за време на предавањата и вежбите од страна на професорите и експертите, да се обучат посетителите во иднина да знаат да ги применат своите знаења во анализа и управување со оперативните ризици на ниво на функција во деловните организации. Се надевам дека со оваа меѓународна летна школа ќе ги унапредиме знаењето на нашите студенти и ефикасноста на нашите професионалци, што ќе биде корисно за нашите земји – истакна директорот на ЦЕПС, д-р Мирзо Селимиќ.
На летната школа учествуваат повеќе од 50 посетители и 35 предавачи. Програмата трае пет дена, а за утре е предвидено свеченото затворање. Организаторите очекуваат оваа летна школа да стане традиционална и да се надградува во своите содржини.
Подготвил: Митко Јовановски