Црна Гора: Ескалација на најнасилни облици на криминалитет

  • Изминатиот двомесечен период во Црна Гора го обележаа континуирани инциденти на најбрутални облици на криминалитет, убиства на високопозиционирани членови во хиерархијата на Шкаљарскиот клан, обиди за атентат… Што се случува во Црна Гора?

Четворица високопозиционирани членови на таканаречениот Шкаљарски клан беа убиени во изминатите два месеца на територијата на Црна Гора, при што постојат сомневања дека зад овие убиства стојат членови на нивниот ривалски Кавачки клан. Извршени се и два обида за убиство, кои претходеле на една од ликвидациите.
Меѓу убиените е Бобан Сјеклоќа, кој, според полициските оперативни податоци, се смета за еден од водачите на Шкаљарскиот клан. Тој бил усмртен во неделата во близината на плажата Трстено, која се наоѓа на осум километри од Будва.
Сјеклоќа беше вклучен во обвинението на Специјалното државно обвинителство во врска со шверцот со кокаин и беше баран од полицијата со години. Тој беше обвинет и за помагање при двојна ликвидација извршена во 2020 година во Цетиње.
Убиството на Сјеклоќа, според неофицијални информации, првично било пријавено како сообраќајна несреќа, но пожарникарите што први пристигнале на местото на настанот го пронашле неговото безживотно тело со прострелни рани.
Претходните две ликвидации се случиле во подрачјето на Цетиње на 24 септември, кога телата на двајца мажи биле пронајдени од полицијата во возило паркирано на продолжение на локален пат на околу 250 метри од главниот пат Цетиње-Будва. Двојното убиство било означено како продолжение на пресметката помеѓу наркоклановите.
Големо внимание предизвикало и убиството на Радован Кривокапиќ во Цетиње на 29 август. Се смета дека Кривокапиќ бил близок до Шкаљарскиот клан. Тој бил застрелан на тераса од својата куќа, по што бил пренесен во болницата во Котор каде што подлегнал на повредите. Р.С.