Хрватска во спиралата на европските негативни демографски трендови
Хрватска го има истиот проблем со негативните демографски трендови како и остатокот од Европа и поголемиот дел од средниот и високоразвиениот свет: Наталитетот е помал од морталитетот! Според официјалните податоци, населението старее, а Хрватска веќе има една од најстарите популации во Европа.
Во однос на стапката на фертилитет (број на деца по жена), Хрватска е меѓу најлошите во Европа. Исклучок е 2021 година, во која Хрватска беше нешто подобра од просекот.
Во ЕУ, во периодот од 2011 до 2021 година, стапката на фертилитет се движеше помеѓу 1,50 (2020) и 1,57 (2017), а во Хрватска помеѓу 1,4 (2015) и 1,51 (2012). Мора да се признае дека од 2015 година има мало закрепнување на стапките од 2011 година, но сепак е помало од просекот на ЕУ и далеку од потребната стапка за одржување на бројот на населението, што е 2,1 деца по жена.
До пред една деценија во Хрватска годишно се раѓаа вкупно повеќе од 40.000 деца. Имаше дури и мал пораст на вкупниот број раѓања од почетокот на векот до кризата во 2008 година. Сега тој број е 36-37 илјади, а во 2009 година имало 44,5 илјади раѓања. Имајќи предвид дека во 1998 година се родени 47 илјади деца, може да се заклучи дека во 2021 година се родени 22 отсто помалку деца.
Бројот на смртни случаи во периодот што се анализира е стабилен, околу 50-52 илјади годишно. Исклучок е пандемијата во 2020 и 2021 година, кога одеднаш скокна на 57 и 63,7 илјади. Само за сметка на разликата меѓу бројот на родени и бројот на умрени, Хрватска годишно губела 281.475 жители од 1998 до 2021 година. Тоа одговара на вкупниот број на жители на Сплит и Осиек со уште еден град со средна големина од 25 илјади жители.
Така, нето-зголемувањето на населението станува сè понегативно. Минусот порасна од 5.243 жители во 1998 година на 12.900 во 2003 година, по што се намали на минус 7.837 жители во 2007 година, откога повторно почнува да расте. Во 2015 година дефицитот порасна на повеќе од 16.000, а поради пандемијата особено голем скок е видлив во 2020 и 2021 година.
Дали влезот на Хрватска во ЕУ влијаеше на бројот на раѓања?
Од статистичките податоци јасно се гледа дека „на намалувањето на бројот на раѓања не влијаел ниту еден конкретен настан, како што е влезот во ЕУ“!
Всушност, ако се погледне 12-месечниот тренд од јули 2012 до јули 2015 година и се спореди со подоцнежниот тренд, може да се види дека падот на бројот на раѓања месечно е стабилизиран. Сепак, постепеното опаѓање доведе до тоа што во 2012 година месечно се раѓале во просек по 3.500 деца, а во периодот од средината на 2019 до средината на 2022 година месечно се раѓале по 3.000 деца.
Особено загрижува релативно остриот пад на 12-месечниот тренд од почетокот на 2022 година. Почетокот на наглото намалување на бројот на раѓања месечно е видлив од втората половина на 2021 година.
Уште еден страшен проблем на Хрватска: Иселувањето!
Од друга страна, „закрепнувањето“, кое се очекуваше да се случи во средината на 2022 година, не беше доволно големо. И привремените податоци на Националното биро за статистика покажуваат нов остар пад во втората половина од минатата и првата половина од оваа година. Експертите се обидоа да утврдат што се случило во претходната година што влијаело на луѓето да одлучат да ја одложат одлуката за раѓање дете. Според нив, тоа може да биде само пандемија, поточно целиот сплет на околности во 2020 година (неизвесност, страв, политики што се обидуваат да го запрат ширењето на пандемијата). Иако повеќето од овие политики завршија, нивното негативно влијание се пренесе во подоцнежните години и сè уште трае.
Кога се зборува за демографските проблеми, тоа не е само поголемиот број на смртни случаи од родени, туку и емиграцијата. Многу повеќе луѓе се иселуваат од Хрватска отколку што имигрираат, а тоа дополнително влијае на демографскиот пад. Врвот на емиграцијата е забележан во 2015, 2016 и 2017 година, по влезот во ЕУ.
Во 2017 година се иселиле дури 47 илјади луѓе. Во подоцнежните години овој број малку се намали, но бројот на имиграции се зголеми, па нето-одливот беше радикално намален. Во 2019 година, во однос на миграцијата, Хрватска била во минус само за 2.422 лица.
Според податоците на Си-би-ес, најмногу се иселени лица на возраст од 20 до 39 години, а секој трет ја избира Германија како дестинација.
Околу 81 процент од оние што имигрирале во 2021 година дошле од Европа, повеќето од Босна и Херцеговина, Германија и Србија. Во последните години драстично порасна бројот на имигранти од Азија, од 401 лице во 2017 година на 4.358 лица во 2021 година. Порасна и бројот на имигранти од БиХ и Германија, но не со ист интензитет. Во 2021 година, имигрантите од Азија ги надминаа имигрантите од Србија за првпат во историјата.
Поради негативното миграциско салдо, Хрватска загубила 116 илјади луѓе во периодот од 2011 до 2021 година. Иако има индиции дека дел од иселениците се вратиле, мнозинството засекогаш ќе остане во земјите во кои се преселило.
Автор: Ангел Митревски
Наш дописник од Хрватска