Фото: Архива

Од обиколката што ја направивме, многу лесно можеме да заклучиме дека кај нас сѐ уште се продаваат не само т.н. слајмови туку и опасни детски играчки. Пушки на дијаболи (оружје што лансира проектили) се продаваат како алва на Бит-пазар, каде што играчките се присутни на пазарот без никаква декларација ниту препорака за возраст. И слајмовите ги има во понудата, но ги има и оние познати т.н. скуши бер играчки, кои се полни со течност, а се наменети за гмечење со рацете. Една наша соговорничка, која му купила на своето дете од тие играчки за гмечење, вели дека случајно на детето му пукнала играчката и веднаш низ собата се појавила миризба на хемикалија што тешко може да се опише

ГОЛЕМА АКЦИЈА ВО КОЈА УЧЕСТВУВАШЕ И МАКЕДОНИЈА

Летниот период е време на одмори, на прошетки и семејни дружби. Тоа е време од годината кога родителите, користејќи го својот годишен одмор, сакаат да поминат квалитетно време заедно со семејството, а особено со децата. Токму во овој период, постарите членови на семејството обилно им излегуваат во пресрет на своите деца и внуци, обидувајќи се преку задоволување на желбите на најмладите да надоместат нешто што сметаат дека го пропуштиле. Подароците и играчките се еден од начините возрасните да ги задоволат желбите на децата. И токму тука е моментот би сакале да го воочиме. Имено, сепак, потребно е да се отворат четири очи при купување какви било производи. Исто како што секогаш ги гледате декларацијата на храната и рокот на употреба пред да му дадете на вашето дете да го консумира производот, така треба да обрнувате внимание и на играчките што им ги купувате. Од тезгите „демнат“ фалсификувани и животозагрозувачки детски играчки…

ГОЛЕМА ОПЕРАЦИЈА НА ЕВРОПОЛ

За период од пет месеци, Европол заедно со уште 29 земји, меѓу кои и Македонија, ја реализираа операцијата „Лудус III“, во која беа запленети фалсификувани играчки во вредност од 79 милиони евра.
Освен Македонија, од балканските земји во операцијата беа вклучени и Грција, Бугарија и Хрватска.
Беа извршени повеќе од шест илјади инспекции, а беа запленети повеќе од 19 милиони пакувања со играчки. Акцијата се реализира во периодот од октомври минатата година до февруари годинава.
За жал, ова не е првпат Европол да реализира акција во која се запленуваат потенцијално штетни, опасни и животозагрозувачки детски играчки.
Изминатите години имаше неколку вакви операции, што го потврдува фактот дека криминалните организации заработуваат големи пари од овој илегален пазар, наштетувајќи им на децата.

ИГРАЧКИ НЕ СЕ КУПУВААТ ОД ТЕЗГИЊА И ПАЗАРИ

Ваквите играчки најчесто се продаваат илегално, за нив не се даваат фискални сметки, немаат декларација, се продаваат по многу пониски цени и речиси секогаш на многу лесен начин може да се утврди дека се опасни.
Освен играчки, во понудата има и детски слајмови, пластелини и многу други предмети наменети за децата што претставуваат опасност.
За да се предупредат родителите, голем број организации излегоа со апели да не се купуваат слајмови и пластелини од секаде, бидејќи во нивниот состав има отровни, а често и радиоактивни состојки. Особено на пазарите и во помалите продавнички многу лесно може да се дојде до ваквите производи, кои мирисаат на тешки хемикалии, пуштаат боја, немаат никаков доказ за потеклото, ниту пак имаат сертификат и немаат никаква ознака дека се безбедни за децата.
Во минатото ваков скандал ја тресеше земјава со популарната детска играчка слајм, која е евтина, а може скапо да ги чини родителите и децата.
Според направените истражувања на овој производ, се испостави дека во нејзиниот состав имало енормно високи количества на хемикалијата бор, која кај малите деца може да предизвика иритација на кожата, дијареја, повраќање, главоболка и депресија. Според истражувањата, оваа хемикалија дури може да му наштети и на бебе во утробата на мајката. А борот во слајмот го имало во неверојатни четири пати поголеми дози од дозволеното според европските стандарди.
Од обиколката што ја направивме, многу лесно можеме да заклучиме дека кај нас сѐ уште се продаваат не само слајмови туку и опасни детски играчки. Пушки на дијаболи се продаваат како алва на Бит-пазар, каде што играчките се продаваат без никаква декларација ниту препорака за возраста. И слајмовите ги има во понудата, но ги има и оние познатите играчки скуши бер, кои се полни со течност, а се наменети за гмечење со рацете.
Една наша соговорничка, која му купила на своето дете од тие играчки за гмечење, вели дека случајно на детето му пукнала играчката и веднаш низ собата се појавила миризба на хемикалија што тешко може да се опише.
– Да бидам искрена, се исплашив, бидејќи му прсна на лицето. Кога го почувствував мирисот ми стана јасно дека станува збор за играчка што којзнае што има во составот и дека не е безбедна за најмладите. Веднаш му го измив лицето на детето. Оттогаш купувам само проверени производи, на пазар не купувам играчки – вели Сузана Христовска, мајка на малолетно дете.

ПАЗАРИТЕ НЕ СЕ БЕЗБЕДНИ, НО ИНТЕРНЕТОТ НЕ Е ВООПШТО

Токму затоа Европол препорачува родителите особено да бидат внимателни кога купуваат играчки, истите тие да бидат купени од доверливи продавници.
– Ако купувате од трговци на мало што се реномирани и долгогодишни, ќе биде полесно да ги повикате на одговорност и да ги следите доколку има проблем со вашето купување. Нелегалните продавачи на играчки често привремено се лоцираат на премини или јавни места, како што е надвор од железничките станици, пазари или на тротоари. Избегнувајте да купувате од сомнителни продавачи на овие необични места – предупредуваат од Европол.
Оттаму додаваат дека е потребно да се проверат и прегледаат производите на интернет, каде што секој може да прочита позитивни или негативни коментари за играчките.
– Проверете ги критиките за производите: понекогаш позитивните критики се всушност лажни, затоа погрижете се да проверите и зошто луѓето што дале лоши критики не се задоволни. Можеби ќе сакате да ги проверите критиките на другите производи што продавачот ги продал и дали некој од нив споменува проблеми со безбедноста – велат оттаму.
Како купувачи, секогаш треба да знаете од кого купувате, па затоа оттаму велат добро да ги отворите очите. Оттаму наведуваат дека ако цената е премногу добра за да биде вистинита, веројатно нешто не е како што треба. Во тој случај купувачот треба да знае дека големите попусти на цените може да бидат показател дека играчките се фалсификувани.
Експертите предупредуваат добро да се внимава и при купување гуми и мускули за пливање, бидејќи во буквална смисла на зборот можат да ве чинат животот на вашето дете.

ОЗНАКАТА СЕ СЕКОГАШ ДА СЕ ПОБАРА НА ПРОИЗВОДОТ

Латиничната ознака со големи букви CE (или на македонската кирилица ЦЕ) е задолжителна за проверените и безбедни детски играчки.
Покрај оваа ознака, доколку играчката содржи електроника, потребно е да има етикета за електрична безбедност, возрасна граница, земја и адреса на потекло, препораки од ЕУ, знак за предупредување, како и безбедносни упатства.
– На пример, отсуството на пакување, известување или играчка продадена во проѕирно пластично ќесе (без никаква етикета/индикации) е индикатор за ризик. Вообичаеното погрешно означување вклучува и погрешно напишано име на брендот, други правописни грешки, повеќе бар-кодови, преценета возрасна оцена (на пр. означува 0-5 наместо 0-3), името на производот и брендот во огласот и на фотографиите се различни – информираат од Европол.
Па така, според нив, ако играчката е од познат бренд или е една од најпродаваните годинашни, потребно е да се провери дали логото, името и играчката се совпаѓаат со рекламите што вообичаено се објавуваат на друго место.
Оттаму додаваат дека пакувањето со низок квалитет, само во пластично ќесе, најверојатно е фалсификувано. Оние играчки што се купуваат спакувани во кутии за кои играчката е прицврстена со жици се оригинално пакување, но пакувањето добро треба да се уништи секогаш кога се фрла, за фалсификаторите да не ги искористат за да пакуваат фалсификати во него.