Едностраната одлука на Косово за примена на новите регистарски таблички ја стави на сериозен тест издржливоста на тешко стекнатото примирје на Балканот, кој од многумина безбедносни аналитичари и политичари се става во групата на најризични региони во светот

Глобалната безбедносна архитектура се одржува на разнишани столбови

Експертите и политичарите од другите земји во своите јавни настапи повторно го ставаат Балканот во „високоризичните“ подрачја и во контекст на случувањата во другите региони во светот каде што се нарушени мирот и безбедноста. Такви изјави беа зачестени по појавувањето на руско-украинската криза, а последната се однесува на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој го „критикуваше функционирањето на глобалната безбедносна архитектура“, а во конфликтни состојби и закани во светот го вклучи и Балканот.
– Овие денови во нашиот информативен простор има многу извештаи за конфликтните состојби и закани што постојат во другите географски средини. Тоа се прво Балкан, Тајван, а сега можеби и Кавказ. Сите овие состојби изгледаат поинаку, иако нив ги спојува еден фактор, а тоа е дека глобалната безбедносна архитектура не функционирала. Да беше функционална, не би го имале и овој судир – изјави Зеленски.
Тој нагласи дека Украинците го обединиле целиот свет не само околу својата борба за слобода туку околу разбирањето околу кревката слобода на сите народи во Европа и другите делови на светот.

– Оваа кревкост може да се заштити со заедничко дејствување. Мора да постои ефикасна глобална безбедносна архитектура што обезбедува ниту една држава повеќе да не смее да посегне по терор кон друга држава – порача Зеленски.
Оваа изјава на украинскиот претседател доаѓа во време кога минатата недела беше подигната тензијата во северниот дел на Косово, откако косовската влада одлучи да ги примени мерките за користење косовски регистарски таблички на возилата и за личните документи за српското малцинство што живее во Косово. По силниот меѓународен притисок, косовскиот премиер Албан Курти ја одложи примената на оваа одлука за еден месец, но со тоа тензиите се одложија на неопределено време.
За можната ескалација на состојбата во регионот деновиве предупреди и поранешниот специјален пратеник на Европската Унија и висок меѓународен претставник за Босна и Херцеговина, Волфганг Петрич, кој оцени дека на Балканот се случува конфликт што може да се запре, но кој сепак има потенцијал за ескалација. Тој препорачува официјалните лица да дејствуваат што е можно поскоро за вербално да се разоружи.
– Бидејќи, како што видовме во Украина, оваа вербална ескалација лесно се претвора во воена ескалација – изјави Петрич за Радио Слободна Европа.
Според него, ЕУ треба да направи повеќе за дијалогот во кој посредува меѓу Косово и Србија, а овој пример покажува дека одложувањето на процесот не функционира.
Петрич рече дека поради војната во Украина, ситуацијата во Источна и Југоисточна Европа станала многу поемотивна и понестабилна и дека агресијата врз Украина иницирана од Русија има одредено прелевање на Балканот.
Тој истакна дека НАТО и КФОР се во состојба на готовност во Косово и дека меѓународното присуство е важно за да се обезбеди продолжување на дијалогот и компромисот.

– Мислам дека единствениот начин за кој можам да кажам како дипломат е да се вратиме на преговорите и да најдеме излез и решение од оваа многу опасна ситуација – истакна Петрич.
Безбедносните предизвици на ЕУ и Западен Балкан сѐ повеќе се тесно поврзани поради голем број нови глобални закани и мора да се соочиме со фактот дека сме во центарот на тие предизвици, како што изјави неодамна генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, на безбедносната конференција во Париз.
– Бидејќи имаме заеднички безбедносни прашања, нашиот одговор треба да биде заеднички. Заедничките напори се сведуваат на концепт што секој граѓанин јасно го разбира, а тоа е безбедноста. Тоа значи лична безбедност и заштита на имотот, но и отсуство на страв и несигурност. Тоа значи отпорност на радикализам и екстремизам, ефективна гранична безбедност и добро управување со миграцијата и искоренување на организираниот криминал и сродните активности. Во регионот се појавува нов предизвик, а тоа се климатските промени, за кои треба да бидеме свесни – нагласи Брегу.

Подготвил: Митко Јовановски