Ќе се отплетка ли некогаш „косовскиот јазол“?

Регионалната јавност деновиве живо е заинтересирана за содржината на германско-францускиот предлог, кој предвидува конечно решавање на статусот на Косово меѓу Белград и Приштина. Повикувајќи се на сопствени извори, кои наводно имале увид во содржината на предлогот, некои медиуми тврдат дека со него е предвидено „Белград и Приштина меѓусебните односи да ги развиваат врз основа на рамноправност“. Но што, воопшто, значи таа флоскула?

Што носи германско-францускиот предлог за решавање на статусот на Косово

Добрососедските односи меѓу Косово и Србија ќе се засноваат на еднакви права, се вели во документот што го објави медиумската мрежа специјализирана за политиките на Европската Унија (ЕУ), Еурактив. Овој медиум пренесува дека станува збор за таканаречениот германско-француски план за решавање на спорот меѓу Србија и Косово. Во текстот се посочува дека Косово и Србија ќе се водат од заедничките аспирации за членство во ЕУ.
Објавениот план има вкупно девет точки, каде што, меѓу другото, се нагласува дека двете земји ќе ги решаваат сите меѓусебни спорови „исклучиво со мирни средства и ќе се воздржат од закани или употреба на сила“. „Тие ја потврдуваат неповредливоста на границата/граничната линија што постои меѓу нив и се обврзуваат целосно да го почитуваат меѓусебниот територијален интегритет“.
Понатаму, се додава дека Косово и Србија поаѓаат од претпоставката дека „ниту една од двете страни не може да ја претставува другата во меѓународната сфера или да дејствува во нејзино име“.
Според горенаведеното, и „Косово и Србија ќе промовираат добрососедски односи на Западен Балкан и ќе придонесат за регионалната безбедност и соработка во Европа“. Од двете земји се очекува да дејствуваат со заемно почитување на јурисдикцијата на секоја страна.
Косово и Србија, како што се наведува, изјавуваат подготвеност да ги регулираат практичните и хуманитарните прашања во процесот на нормализирање на нивните односи.
Предвидено е да се склучи договор за развој и унапредување врз основа на овој договор и за заемна корист на соработка во повеќе области, како што се економијата, науката и технологијата, сообраќајот, судските односи, поштата и телекомуникациите, здравството, културата, спортот, животната средина и други области. Според овој план, Косово и Србија ќе разменат постојани мисии, кои ќе бидат формирани во седиштето на владата. Беше посочено дека практичните прашања поврзани со формирањето на овие мисии ќе се разгледуваат посебно.
Конечно, во членот 9 од објавениот план се наведува дека Косово и Србија се согласуваат дека овој договор нема да влијае на билатералните и мултилатералните меѓународни договори и на договорите што тие веќе ги склучиле или на кои се повикуваат.
Иако претставниците на ЕУ не сакаат да ја коментираат содржината на француско-германскиот план, сепак, шефот на европската дипломатија Жозеп Борел минатата недела потврди дека Белград и Приштина го добиле овој план и веќе ги доставиле своите коментари до европските претставници.

За постоењето на француско-германскиот план прв проговори српскиот претседател Александар Вучиќ. На 8 октомври тој изјави дека Франција и Германија претставиле предлог Србија да му дозволи влез на Косово во меѓународните институции и организации, вклучувајќи ги и Обединетите нации (ОН), во замена за брзото членство на Србија во ЕУ. Тој додаде дека Србија нема да биде „понатамошно понижувана и принудена формално да го признае Косово“, но ако не реагира, ќе даде тивок сигнал дека се согласува. Како што рече Вучиќ, тоа е неприфатливо за Србија, но посочи дека е неодговорно и несериозно да се фрла француско-германскиот предлог низ прозорец.
За потсетување, порталот „Албанијан пост“ уште во септември ја објави наводната содржина на германско-францускиот предлог, со кој Србија фактички треба да го признае Косово, но без вистинско формално признавање. Србија така не би го блокирала приемот на Косово во ОН, но двете земји би продолжиле да функционираат како Источна и Западна Германија, кои меѓусебно не се признаваа.


Вучевиќ: Ситуацијата во Косово предизвикува длабока загриженост

– Ситуацијата во Косово предизвикува длабока загриженост за Република Србија – изјави српскиот вицепремиер и министер за одбрана Милош Вучевиќ на средбата со заменик-помошникот генерален секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика Хавиер Коломина.
Според Вучевиќ, „актуелната криза е предизвикана од неимплементацијата на Бриселскиот договор од страна на Приштина, која не ја исполни својата единствена обврска, формирањето на заедницата на српските општини“. Имено, претставниците на Србите од северот на Косово решија да ги напуштат институциите на Косово на 5 ноември, барајќи повлекување на одлуката за пререгистрација на автомобили во РКС (Република Косово) и формирање заедница на српските општини.
И заменик-генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана, на 5 ноември рече дека мисијата на НАТО во Косово, КФОР, е подготвена да интервенира во случај стабилноста да биде загрозена.
– Присуството на КФОР е од клучно значење за гарантирање на безбедноста на цело Косово – рече Коломина, стои во соопштението за медиумите од Министерството за одбрана на Србија.
Тој подвлече дека „КФОР е подготвен да интервенира доколку е загрозена стабилноста, во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации“.
Вучевиќ додаде дека Србија е посветена на „мирно решавање на сите прашања“. Тој побара од КФОР „да дејствува непристрасно, во согласност со доделениот мандат“.
– Надворешнополитички приоритет на Република Србија е членството во Европската Унија, а стратегиска определба е воената неутралност, која не претставува пречка за соработка со НАТО, со тоа што Србија нема амбиции да стане членка на таа алијанса – изјави Вучевиќ.