Србија

Тримесечното задолжително служење на воениот рок претставува компромисното решение меѓу интересите на граѓаните и потребите на војската на Србија и финансиските можности на државата. Периодот од 90 дена е минималниот рок за ефикасна обука за идните војници, сметаат експертите за безбедност. Предлогот за задолжително служење на воениот рок произлезе од претседателот на државата Александар Вучиќ, но засега не е донесена конечната одлука. По донесувањето на одлуката во српскиот парламент, првите регрути се очекуваат од идната година.
Министерството за одбрана на Србија направи сериозна анализа за потребите од воведување задолжителен воен рок за српските граѓани. Изработени се неколку модели, кои се разликуваат според времетраењето на воениот рок и по расположливите финансиски, материјални и воени ресурси.
Обврската за служење војска се однесува за младите лица меѓу 18 и 26 години, додека професионалниот состав на српската војска ќе остане непроменет.
Новиот модел ќе се спроведува според нови и современи стандарди. Во една просторија би спиеле најмногу десет војници, а ќе може да се бањаат неколкупати во неделата. Идните регрути можат да се повикаат на „совеста“ и секој ќе биде слободен во изборот да одбие носење оружје. Во тој случај, обврската за служење воен рок ќе биде двапати подолга. Цивилното служење воен рок во државните институции ќе биде исклучено како можност.