Сè што имаше Грција да каже, јасно го кажа во ОН, и за нејзините црвени линии и за пријателското расположение кон турскиот народ. Другата страна може монотоно да ги повторува своите лаги и закани и во тоа сепак останува сама, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на денешната владина седница, јави дописничката на МИА од Атина.
Говорејќи за односите и ставовите на Турција, Мицотакис истакна дека Грција останува смирена и со самодоверба во своите позиции усогласени со меѓународното право и со поддршката на сојузниците.
– Наместо потпалувачки зборови, конечно да изберат креативни постапки и да го изберат патот на суштински дијалог. Наспроти нив, на крајот на краиштата, не ја имаат само Грција, туку ја имаат цела Европа, како и нашите сојузници во НАТО – порача грчкиот премиер на почетокот од денешната владина седница.