Се чини дека драмата се должи, за жал, главно на трагична човечка грешка, рече, меѓу другото, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во неговата изјава по враќањето од местото на железничката несреќа во која животот го загубија 38 лица.
– Во болницата во Лариса се сретнав со роднините на жртвите и исчезнатите. Низ нивната неискажлива болка, со достоинство, ме прашаа – зошто?. И ми рекоа, никогаш повеќе. Им должиме искрен одговор – истакна Мицотакис.
Грчкиот премиер соопшти дека по оставката на министерот транспорт и инфраструктура, на оваа позиција доаѓа досегашниот државен министер Јоргос Герапетритис како привремен министер сè до изборите и најави формирање независна и натпартиска комисија на експерти која „целосно ќе ги испита причините за несреќата, но ќе ги разгледа и долгогодишните доцнења во реализацијата на железничките проекти“.
Паралелно, додаде тој, судството ќе си ја врши работата и виновните ќе сносат одговорност.